• недела, 22 декември 2024

Ердоган: Соопштението на адмиралите ја надминува слободата на изразување и повикува на воен удар

Ердоган: Соопштението на адмиралите ја надминува слободата на изразување и повикува на воен удар
Анкара, 5 април 2021 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска оцени дека соопштението на поранешните адмирали, кои ја поддржаа Конвенцијата во Монтре од пред 85 години, ја надминува слободата на изразување и повикува на воен удар. Претходно, во текот на денот турските власти приведоа 10 адмирали во пензија, кои се меѓу 104. пензионирани офицери кои го потпишаа отвореното писмо, а во кое се критикува изградбата на канал во Истанбул, проект за кој се залага претседателот Ердоган. Обвинителството во Анкара соопшти дека освен десетмината приведени, на уште четворица пензионирани офицери им било кажано во следните три дена да се јават во полиција, бидејќи поради возраста не биле приведени во денешната акција, јави Ал Џезира. Противниците на изградбата на каналот сметаат дека проектот претставува трошење пари, катастрофа за животната средина и ќе го зголеми ризикот од земјотрес. Турскиот потпретседател Фуат Октај ја спореди изјавата на адмиралите со „свиркање на исплашена кукавица на гробишта“, а потпретседателот на владејачката партија Правда и развој, Нуман Куртулуш ги нарече потписниците „вљубеници во стара Турција кои себеси се гледаат над волјата на нацијата“. Бројни претставници на Анкара рекоа дека заедничкото соопштение, кое покрај адмиралите го потпишаа повеќе од 100 поранешни високи припадници на морнарицата, претставува директен предизвик за цивилната влада и потсетување на претходните воени дејствија. паг/

Остани поврзан