• вторник, 26 ноември 2024

ЕП размислува за воведување „ад хок“ комитети со законодавни овластувања 

ЕП размислува за воведување „ад хок“ комитети со законодавни овластувања 

Брисел, 13 септември 2023 (МИА) - Европскиот парламент ја разгледува можноста за формирање на „ад хок“ комитети, кои би имале законодавни овластувања поврзани со законски предлози кои се во надлежност на најмалку три постојани парламентарни комитети. 

Ваквата можност, како што наведува порталот „Еурактив“, се предвидува со документот за реформа на структурата на комитетите, со што драстично би се променил начинот на кој се носат законските регулативи во Европскиот парламент. 

Целта на оваа идеја е да се надминат редовните судири на надлежности меѓу сегашните постојани комитети и креирањето политики на ЕУ да стане поефикасно. 

Европарламентот и досега формираше „привремени специјални“ комитети задолжени за извештаи, резолуции и други процедури иницирани од европратениците, но не и за законодавни регулативи, чие разгледување беше строго во надлежност на постојаните комитети. 

Овие комитети се сржта на моќта на Европскиот парламент во законодавните процедури, имајќи предвид дека нивните претседавачи или известувачи вообичаено играат клучна улога во подготвувањето на законите и во преговорите за нивно усогласување, а со новата идеја и „ад хок“ комитетите би ги имале истите овластувања. 

Предлогот за реформа на структурата на комитетите, исто така, предвидува и можност за „групирање“ на постојаните комитети по политички области во „комитетски кластери“, како непостојани тела без законодавни овластувања со цел да се олесни соработката меѓу комитетите. 

Главна задача на „комитетски кластери“ би била да бидат места за јавни расправи за теми во надлежност на повеќе комитети, како и за политички дискусии и работилници, со цел да се обезбеди „кохерентен пристап во областите на политиките и пакетите на испреплетено законодавство“. 

Овие „кластери“, според предлогот, би ги замениле сегашните привремени специјални комитети без законодавна моќ, за кои се оценува дека придонесуваат за „дополнителна сложеност во внатрешните методи на работа на Парламентот“, бидејќи нивните ингеренции често се преклопуваат со надлежностите на постојаните комитети. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан