• понеделник, 23 декември 2024

ЕПЗ не се занимава со теми кои се фокус на ЕУ, посебно не со проширувањето, вели Османи

ЕПЗ не се занимава со теми кои се фокус на ЕУ, посебно не со проширувањето, вели Османи
Скопје, 8 октомври 2022 (МИА) - Европската политичка заедница е непосреден одговор на руската агресија на Украина и е заеднички европски одговор на руската закана на европската безбедност. Таа воопшто нема да се занимава со теми коишто се главен фокус на ЕУ, посебно не на политиката на проширување, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Мислам дека дилемите коишто беа во јавноста, пред се, во Западен Балкан по однос дали оваа заедница сега се јавува како некоја алатернатива на ЕУ, дали е заедница која што ќе ги згрижи аспирантите за членство во ЕУ, тоа се расчисти. Прво, составот на самата заедница, учеството на Обединетото кралство, земји коишто апсолутно не претендираат да се дел од ЕУ, јасно зборува дека оваа заедница нема намера да се занимава со европските политики како ЕУ. И второ, Европскиот совет донесе одлука и заклучоци дека на ниту еден начин оваа заедница не смее да се интерпретира како некакво мешање во политиките на ЕУ, а пред се политиките на проширување. Така да, се работи за платформа која што треба да се стреми, да даде одговор на геостратешките политичко економските, енергетските, климатските предизвици пред кои се наоѓа европскиот континет, меѓутоа и да се воспостави како свој глас европскиот континент во ова геополитичко прегрупирање коешто се случува и во односите со Русија, меѓутоа и воопшто во глобален контекст, рече Османи брифирајќи за првиот состанок на ЕПЗ одржан на 6 октовмри во Прага на кој беше дел од делегацијата предводена од премиерот Димитар Ковачевски. 

Запрашан дали е ЕПЗ замена за ОБСЕ, со кое од идната година ќе претседава нашата држава, Османи нагласи дека ОБСЕ е најгоемата безбедносна регионална организација која се протега на три континента, а овде станува збор за политичка платформа за консолидирање на континентот на Европа. -Точно е дека ОБСЕ во моментот е под предизвик затоа што Русија ја блокира и ја парализира организацијата, и тоа се случува во пресрет на нашето претседавање со организацијата. Но, важноста на ОБСЕ останува од повеќе аспекти. Прво, по неговиот географски опсег, и е единствена организација во која се и САД и Канада, ЕУ и Русија и земјите од централна Азија. И сите тие предизвици преку дијалог и кооперативна безбедност ќе се обиде да даде додадена вредност во рамки на нашето претседавање, подвлече Османи. Според него, ЕПЗ воопшто не треба да се стави во контекст на проширувањето, а единствената корелација е можноста на овие состаноци да се разговара билетерално со земји со коишто, вели, имаме потреба да разговараме за нашите евроинтегративни процеси, но никако во формалните состаноци.

Тој додаде дека „има една земја членка, земја во ЕПЗ која сака темата на проширување да ја наметне“.

-Нашиот став, како држава е дека тоа не е платформа на која што воопшто треба да се разговара прашањето на проширување на ЕУ бидејќи ова е сосема поинаква платформа и имаме каде ние да разговараме по однос на проширувањето, дециден е Османи. вг/ лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан