• недела, 22 декември 2024

ЕМА одобри вакцина против мајмунски сипаници

ЕМА одобри вакцина против мајмунски сипаници
Амстердам, 22 јули 2022 (МИА) - Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека одобрила вакцина против големи сипаници да се применува во превенција од мајмунски сипаници. ЕМА препорача антивирусната вакцина Имванекс да биде вклучена во заштитата на возрасните лица од мајмунски сипаници, соопшти европскиот регулатор за лекови. Се оценува дека вакцината против големи сипаници обезбедува цврста заштита од мајмунски сипаници, но не е познато колку долго трае заштитата по вакцинацијата. Вакцината Имванекс, произведена од данската компанија „Бавариан Нордик“, во ЕУ е одобрена од 2013 година за превенција од големи сипаници. Вакцината содржи жива модифицирана форма на вирусот наречен Анкара, што е поврзан со вирусот на големи сипаници. Ситуацијата со мајмунски сипаници се влоши во изминатите недели, а сега има повеќе од 15.300 заразени во 71 земја, покажуваат најновите податоци на санитарните власти во САД. Мајмунски сипаници првпат се дијагностицирани кај човек во 1970 година, но болеста е помалку опасна и заразна од големите сипаници кои се искоренети во 1980 година. Мајмунските сипаници се карактеризираат со рани на кожата, што можат да се појават на гениталиите или на устата. Болеста е придружена со треска, болки во грлото и болки во лимфните јазли и осип што наликува на сипаници. Болеста обично поминува сама по себе, но може да биде многу болна. Резервите на вакцината Имванекс во ЕУ во моментов се многу ограничени. Вакцината Имванекс е одобрена на американскиот пазар под името Џенеос, и се аплицира за превенција од мајмунски сипаници и од големи сипаници. ми/

Остани поврзан