• петок, 05 декември 2025

Ел Ануни: ЕУ е загрижена поради информациите за судири и жртви во Газа

Ел Ануни: ЕУ е загрижена поради информациите за судири и жртви во Газа

Брисел, 14 октомври 2025 (МИА) - Европската Унија е загрижена поради извештајот за поголем број загинати лица при судири меѓу припадници на Хамас и членови на вооружена банда во Газа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни. 

- Ги охрабруваме сите страни да покажат воздржаност и да не се вклучуваат во активности што би можеле да го загрозат прекинот на огнот, додаде Ел Ануни. 

Тој нагласи дека ЕУ останува на својот став дека Хамас не смее да има никаква улога во идното управување со Газа.  

- Со други зборови Хамас мора да се разоружа во согласност со Мировниот план на претседателот (на САД, Доналд) Трамп, потенцира Ел Ануни. 

Портпаролот на ЕК повтори дека ЕУ целосно го поддржува Мировниот договор потпишан вчера во египетското одморалиште Шарм ел Шејк и е подготвена да помогне во неговата имплементација.  

- Ги повикуваме сите страни целосно и без одлагање да го спроведат договорот, овозможувајќи воспоставување траен прекин на огнот, ослободување на заложниците и непречен пристап и континуирана дистрибуција на хуманитарна помош во голем обем во Газа, додаде Ел Ануни. 

Тој истакна дека ЕУ поседува цел пакет на инструменти со кои може да ја поддржи имплементацијата на договорот, како што се помош при граничната контрола на преминот Рафа, обука на палестинската цивилна полиција, зајакнување на институциите за спроведувањето на владеењето на правото, како и финансиска поддршка за обнова на Газа, самостојно и преку Палестинската донаторска група. сп/ми/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан