• петок, 22 ноември 2024

Електродистрибуција ќе врши увид во поднесените барања за промена на корисник

Електродистрибуција ќе врши увид во поднесените барања за промена на корисник
Скопје, 19 ноември 2022 (МИА) – Операторот на електродистрибутивниот систем – Електродистрибуција во наредниот период ќе врши увид во поднесените барања за промена на корисник, односно миграцијата од слободен на регулиран пазар на електрична енергија на компаниите и институциите, најавија вчера од Регулаторната комисија за енергетика  и водни услуги (РКЕ). -РКЕ  уште на почеток на годината беше прва институција која го детектираше манипулативното однесување на дел од компаниите кои од слободен се префрлаа на регулиран пазар на електрична енергија и за тоа навремено ги извести надлежните институции кои водат соодветни постапки. Согласно со донесената Одлука на Владата, увид во поднесените барања за промена на корисник ќе врши операторот на електродистрибудивниот систем, што е различно од ЕВН хоум, укажа вчера РКЕ. Оттаму истакнаа дека следниот месец ќе влезе во процес на детално анализирање и сегментација на работата на енергетските компании откако тие ќе ги достават барањата по што ќе се утврдуваат тарифите кои ќе бидат во сила од 1 јануари, а се однесуваат на електричната енергија. -Станува збор за сензибилен период во кој многу т.н. авторитети ќе се чувствуваат подготвени да ги коментираат енергетските случувања. РКЕ ќе продолжи транспарентно, како и до сега да ги информира граѓаните со цел да се амортизираат сите шпекулации и лиферувања за цената на електричната енергија, велат од РКЕ. Вчера и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи порача дека РКЕ и компанијата која ја испорачува електричната енергија – ЕВН хоум треба да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од отворен на регулиран пазар. –Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон, рече вчера Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на Балканскиот економски форум во Скопје. Училиштата и градинките, како што додаде, ќе останат на регулираниот пазар на електрична енергија се додека за тоа има одлука на Влада. -Не сакаме да загрозиме ни една услуга кон граѓаните. Здравствените услуги и образовниот процес не може и не треба да запрат заради тоа што имаме неспособни институции, во случајов единиците на локалната самоуправа, кои не можат да им овозможат соодветно да ги испорачаат нивните услуги, особено кај образованието. Рековме одлуката е до крај на април идната година да бидат на регулираниот пазар со одредени фиксни цени на електричната енергија, а после тоа треба да се вратат на слободен пазар доколку состојбите се подобрат, нагласи Битиќи. Најави дека во март идната година, Владата ќе одлучи што ќе се прави после април, бидејќи, како што кажа, одредена извесност за тоа што ќе се случува има само до април. Според премиерот Димитар Ковачевски, пак, фактот што сите информации се достапни за граѓаните на дневно ниво, бидејќи Владата на дневно ниво го објавува производството на електрична енергија и како функционираат сите производствени капацитети, покажува дека тие не треба да бидат загрижени. -Граѓаните не треба да се грижат. Како што беше во целата измината година, така е и сега. Финансиски средства се обезбедени за набавка  на струја која недостасува во овие денови, рече вчера Ковачевски. Порача дека има денови кога се прави увоз на електрична енергија со цел да се задоволат потребите на регулираниот пазар што е обврска на ЕСМ. Тоа, како што рече, е поради малиот дефект на еден од блоковите во РЕК Битола. -Во РЕК Битола имаше протекување на една цевка од еден од блоковите, но вработените работат на негова санација, истакна вчера Ковачевски во одговор на новинарско прашање по потпишувањето на договор со турската компанија „Текнопанел“ за инвестиција во ТИРЗ Скопје. Како предност го оцени фактот што во изминатите осум недели не биле потрошени средствата  планирани за увоз на струја, бидејќи ЕСМ успеала да произведе поголема количина од онаа што била потребна. Нагласи дека во ТЕЦ Неготино се прави редовен ремонт на генераторот, но како што посочи, и поради високата цена на мазутот оваа електрана би произведувала струја со поскапа цена отколку што во моментов е на берзите. -Стручните екипи на ЕСМ, вклучително и сите експертски тимови кои ги има во државава и универзитетски професори се на терен и работат на ставање во потполна функција на сите капацитети во државата, рече Ковачевски. вј/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан