ЕК ја презентираше Белата книга за европската одбрана „Подготвеност 2030“
- Белата книга за европската одбрана, заедно со Планот „Ревооруживање на Европа“, се замислени како амбициозен одбранбен пакет што обезбедува финансиски алатки за земјите членки на ЕУ за поттикнување на инвестициите во одбранбените потенцијали и поставува нов пристап кон одбраната и ги идентификува инвестициските потреби.

Брисел, 19 март 2025 (МИА) - Колку што инвестираме во одбраната толку и ја цениме, а во изминатите неколку децении, не водевме доволно смета за тоа, порача денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод презентацијата на Белата книга за европска одбрана „Подготвеност 2030“.
- Мора да трошиме повеќе. Во исто време, бесценета е и додадената вредност од заедничката работа. Тоа ни дава конкурентна предност, која е незаменлива насекаде во светот, истакна Калас.
Според неа, со Бела книга за европска одбрана се утврдуваат конкретни начини за постигнување на поставените цели.
- Без разлика дали тоа е нашата поддршка за Украина, надминувањето на напите недостатоци во капацитетите или залагањето за свет во кој правото нема да се поставува со сила, ние секогаш сме посилни заедно, истакна Калас.
Еврокомесарот за одбрана и Вселена, Андриус Кубилиус оцени дека одбранбениот пакет на Белата книга за европската одбрана и Планот „Ревооружување на Европа“ преставуваат пресвртен момент за Европската Унија. - Европа повеќе не може да си дозволи да биде гледач за сопствената безбедност. Ние мора да ја земеме нашата одбрана во свои раце, да ги зајакнеме нашите заложби за колективна безбедност и да стоиме цврсто против оние кои се обидуваат да го оспорат нашиот суверенитет, порача Кубилиус.
Според него, тука не се работи само за воената сила, туку за подготвеноста, стратешка автономија и иднината на Европската Унија како глобален играч.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белата книга за европската одбрана, заедно со Планот „Ревооруживање на Европа“, се замислени како амбициозен одбранбен пакет што обезбедува финансиски алатки за земјите членки на ЕУ за поттикнување на инвестициите во одбранбените потенцијали и поставува нов пристап кон одбраната и ги идентификува инвестициските потреби.
Целта на Белата книга е обликување нов пристап и идентификување на инвестициските потреби на Европа, во услови на хроничното недоволно инвестирање и неефикасно трошење за потребите на воените капацитети во изминатите години.
- Белата книга претставува решенија за надминување на недостатоците во критичните капацитети и изградба на силна одбранбена индустриска база. Со неа се предлагаат начини како земјите членки масовно да инвестираат во одбраната, да набавуваат одбранбени системи и да ја изградат подготвеноста на европската одбранбена индустрија на долг рок, посочува Европската комисија.
Ваквиот пристап се оценува како заложба од суштинско значење за безбедноста на Европа, која мора да инвестира во безбедноста и одбраната на континентот, а во исто време и да продолжи да ја поддржува Украина во одбраната од руската агресија.
За ефикасно справување со овие предизвици, со Белата книга се предвидува надминување на недостатоците во капацитетите, поддршка на европската одбранбена индустрија преку насочена побарувачка и заеднички зголемени набавки, поддршка за Украина преку зголемена воена помош и поголема интеграција на европската и украинската одбранбена индустрија, зајакнување на одбранбениот пазар на ЕУ, забрзување на трансформацијата на одбраната со користење на вештачката интелигенција и квантната технологија и зајакнување на европската подготвеност за најлошите сценарија и на партнерствата со истомисленици ширум светот.
Предлозите во Белата книга за европската одбрана „Подготвеност 2030“, се надоврзуваат на Планот „Ревооружување на Европа“, што неодамна го промовираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со кој се овозможува користење на над 800 милијарди евра, преку олабавување на фискалните правила со што се овозможуваат поголемо јавно финансирање на одбраната, преку воспоставување на нов наменски Инструмент за безбедносна акција за Европа за обезбедување на дополнителни до 150 милијарди евра на пазарите на капитал, како и кредитирање преку Европската инвестициска банка и со мобилизирање на приватен капитал преку Унијата за штедење и инвестиции.
По повод презентацијата на Бела книга за европска одбрана „Подготвеност 2030“, Фон дер Лајен порача дека ерата на мировна дивиденда одамна ја нема и безбедносната архитектура на која Европа се потпираше досега, повеќе не може да се зема здраво за готово.
- Европа е подготвена да се засили. Мора да инвестираме во одбраната, да ги зајакнеме нашите потенцијали и да преземеме проактивен пристап кон безбедноста, истакна Фон дер Лајен.
Според неа, со претставувањето на патоказот „Подготвеност 2030“ за зголемување на трошоците за одбрана и за поголеми инвестиции во европските одбранбени индустриски капацитети, ЕУ презема решителна акција.
- Мора да купиме повеќе европски (производи). Затоа што тоа значи зајакнување на европската одбранбена технолошка и индустриска база. Тоа значи стимулирање на иновациите. А тоа значи создавање пазар за одбранбена опрема ширум ЕУ, додаде Фон дер Лајен. сп/
Фото: ЕПА/МИА Архива