• петок, 22 ноември 2024

ЕК ја предупредува Унгарија за олеснувањето на визниот режим за Русите и Белорусите

ЕК ја предупредува Унгарија за олеснувањето на визниот режим за Русите и Белорусите

Брисел, 2 август 2024 (МИА) – Еврокомесарката за внатрешни работи на Европската унија, Илва Јохансон,вчера ја предупреди Унгарија дека нејзината одлука за олеснување на визните ограничувања за Русите и Белорусите претставува потенцијална безбедносна закана и рече дека ќе преземе мерки доколку не се реши нејзината загриженост.

Унгарија минатиот месец ја прошири својата доселеничка програма на „национални лични карти“ за, меѓу другите, да ги вклучи Русите и Белорусите. На носителот на ваква лична карта му е дозволено да работи во Унгарија без безбедносна проверка и може да го донесе своето семејство во земјата.

Потегот предизвика загриженост кај претставниците на ЕУ, кои рекоа дека Русија и нејзиниот сојузник Белорусија би можеле да ја искористат шемата за да испратат саботери и шпиони во безграничната Шенген зона на ЕУ, додека Унијата се обидува да ја изолира Москва поради војната во Украина.

-Русија е безбедносна закана. Ни треба повеќе, не помалку, будност, изјави синоќа еврокомесарката Јохансон на платформа Х.

„Во писмо денеска барам од унгарската Влада да објасни. Доколку нивната шема за олеснет пристап претставува ризик, ние ќе дејствуваме“, додаде таа.

Инцидентот ги одразува пошироките тензии меѓу лидерите на ЕУ и владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан во врска со руската војна во Украина.

Орбан одржува блиски врски со Москва и минатиот месец го посети рускиот претседател Владимир Путин како дел од т.н „мировни мисии“, преземени без поддршка од ЕУ, неколку дена по преземањето на ротирачкото претседателство со Унијата.

Во своето писмо, Јохансон побара од Унгарија да одговори до 19 август на прашањата за визната шема„со оглед на потенцијалната закана од овие еднострани мерки за Шенген зоната“.

Таа додава дека ќе има „соодветни последици“ доколку потегот го прекрши правото на ЕУ или го загрози функционирањето на Шенген зоната. Таа, меѓутоа, не прецизираше што би можела да направи.

Но, Европската комисија, извршното тело на ЕУ, може да покрене правна постапка против земја-членка ако таа смета дека е прекршено правото на ЕУ.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, во вторникот изјави дека на граѓаните на Русија и Белорусија сè уште им е потребна виза за влез во Унгарија, а со тоа и во Шенген зоната.

Тој рече дека дозволите за престој за руските и белоруските државјани ќе треба да бидат одобрени од надлежните органи.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан