• петок, 22 ноември 2024

ЕК треба да подготви стратегија за борба против дезинформациите за 5Г

ЕК треба да подготви стратегија за борба против дезинформациите за 5Г
Брисел, 19 октомври 2020 (МИА) - Петнаесет земји-членки на Европска Унија денеска побараа од Европска комисија веднеш да направи стратегија за борба против дезинформациите за телекомуникациската мрежа од петтата генерација (5Г), предупредувајќи дека ЕУ би можела да ги пропушти правно обврзувачките рокови за поставување на нова инфраструктура. Писмото до ЕК е потпишано од Австрија, Бугарија, Грција, Кипар, Естонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Словачка, Финска, Хрватска,Чешка и Шведска. Тие во писмото бараат ЕК да одговори на големиот број теории на заговор во Европа, што доведе до подметнување на пожар во телекомуникациските кули. Во Европа од јануари до јуни пријавени се 140 напади поврзани со 5Г, од кои најголемиот број се во Велика Британија и во Холандија. - Сведоци сме на зголемена активност на движењата против 5Г мрежата ширум ЕУ. Сакаме да нагласиме дека вандализмот над телекомуникациската инфраструктура и ескалирачките дезинформации за електромагнетните полиња и 5Г не се само закана за економијата на погодените земји-членки, туку исто така оневозможуваат ЕУ да ги исполни своите амбициозни цели во поглед на 5Г, се истакнува во писмото што е испратено до потпретседателките на ЕК,Маргарет Вестегар и Вера Јурукова и до комесарот за внатрешен пазар Тери Бретон. Според уредба од 2018 година, ЕУ вети дека ќе го зголеми развивањето на 5Г мрежата,така што пред крај на 2020 година ќе обезбеди достапност на 5Г радио спектар. ми/

Тагови

Остани поврзан