• сабота, 23 ноември 2024

ЕК побара од 17 онлајн платформи потврда за усогласеност со обврската за јавна достапност до податоците 

ЕК побара од 17 онлајн платформи потврда за усогласеност со обврската за јавна достапност до податоците 

Брисел, 18 јануари 2024 (МИА) - Европската комисија испрати формални барања до 17 социјални мрежи, пребарувачи и сајтови, кои минатата година согласно Законот за дигитални услуги (ДСА) добија статус на „многу големи онлајн платформи“, да достават информации за мерките што ги презеле за усогласување со обврската без непотребно одложување да им овозможат на истражните тела пристап до податоците што имаат карактер на јавно достапни.  

Како што јави дописникот на МИА, ваквите барања се упатени до АлиЕкспрес, Амазон Стор, Бинг, Букинг, Гугл Мапс, Гугл Плеј, Гугл Срч, Гугл Шопинг, ЕпСтор, Заландо, Инстаграм, Јутјуб, ЛинкедИн, Пинтерест, Снепчет, ТикТок и Фејсбук. 

Според ЕК, пристапот до овие податоци е од клучна важност за да се обезбеди одговорност и јавна контрола на политиките на платформите, особено во пресрет на европските и на национални избори во повеќе земји, како и за тековно следење за присуството на илегални содржини и производи. 

Посочените 17 интернет платформи мора да ги достават бараните информации до Еврокомисијата најдоцна до 8 февруари, по што таа врз основа на добиените одговорите ќе ги одреди следните чекори. 

По нивното назначување за многу големи онлајн платформи, од овие социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за електронска трговија се бара да се усогласат со целиот сет на мерки утврдени со Законот за дигитални услуги, меѓу кои се и одредбите за пристап до податоци. 

Претходните месеци ЕК испрати барања за информации до неколку платформи за информации за усогласеност со одредбите од ДСА, по што на 18 декември отвори формална постапка против Икс за прекршување на неколку прописи од Законот, вклучително и за обврската за пристапот до податоци. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан