• понеделник, 23 декември 2024

ЕК планира да иницира закон за европско одбранбено производство

ЕК планира да иницира закон за европско одбранбено производство

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) - Европската комисија планира да предложи закон за европското одбранбено производство, со цел да се зајакне воената индустрија на Унијата и да им се помогне на земјите членки подобро да се соочат со евентуални идни кризи, наведува „Еурактив“.

- Потребна ни е програма за консолидирање и проширување на поддршката за европската индустрија, но и за потенцијално воспоставување регулаторна рамка што може да се активира за поддршка на одбранбеното производство кога е потребно, како еден вид закон за одбранбено производство во европски стил, изјавил неименуван висок претставник на Комисијата за порталот.

Според „Еурактив“, идејата за ваквиот закон првпат била изнесена на неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ минатата недела во шпанскиот град Толедо, а најверојатно ќе го спомене и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во своето годишно обраќање за „Состојбата на Унијата“ пред Европскиот парламент во Стразбур следната недела.

Новиот одбранбен акт на ЕУ е замислен како постојана рамка која има за цел да го поддржи целосниот процес на производство за потребите на одбраната во случај на итни потреби.

Според најавите, во предложеното законско решение ќе биде преземена одредбата од соодветниот закон во САД, кој му дава овластувања на американскиот претседател да нареди забрзување и зголемување на снабдувањето со материјали и услуги од американската воена индустрија за потребите на националната одбрана. Регулативи во кој се зголемуваа ингеренциите на Европската комисија и на земјите членки за овозможувње на производство на дефицитарни продукти веќе се носени во мандатот на актуелната Еврокомисија, како во случајот со недостигот на маски и вентилатори за време на ковид пандемијата.

Иако според најавите ЕК планира да го претстави овој закон до крајот на годината, сепак тоа ќе зависи од обезбедувањето на дополнителни средства од буџетот на ЕУ, имајќи предвид дека со ребалансот во јуни не беа предвидени средства за вакви законски решенија.

Идејата за ваквиот закон ја поттикна руската инвазија врз Украина, кој на површина го исфрли проблемот со недостиг на производствените капацитети на одбранбената индустрија во Унијата за задовилување на итните потреби за одбранбените потенцијали на земјите членки. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан