ЕК одобри преземање на дел од сопственоста над ИТА од страна на „Луфтханза“
- Европската комисија соопшти дека денеска го одобрила предлогот за заедничка сопственост над италијанскиот авиопревозник „ИТА Ервејс“ (ИТА) од страна на германската авиокомпанија „Луфтханза“ и Министерството за економија и финансии на Италија.
Брисел, 3 јули 2024 (МИА) - Европската комисија соопшти дека денеска го одобрила предлогот за заедничка сопственост над италијанскиот авиопревозник „ИТА Ервејс“ (ИТА) од страна на германската авиокомпанија „Луфтханза“ и Министерството за економија и финансии на Италија.
Во моментов ИТА е во стопроцентна сопственост на државата Италија, застапувана од Министерството за економија и финансии.
ЕК во соопштението посочува дека ваквата одлука следи по длабинска истрага на предложената трансакција, при што е утврдено дека иако ИТА денес работи добро, нејзината долгорочната одржливост како самостоен превозник би била „многу неизвесна“ без ова преземање.
Во соопштението се посочува дека „Луфтханза“ и ИТА одржуваат широка мрежа на линии од нивните центри во Австрија, Белгија, Германија, Швајцарија и Италија, кои во значителна мера се комплементарни. Дополнително, „Луфтханза“ соработува со „Јунајтед ерлајнс“ и „Ер Канада“ на линии меѓу Европа и Северна Америка, како и со „Ол Нипон Ервејс“ (АНА) за летови до и од Јапонија.
- За време на својата длабинска истрага, Комисијата обезбеди опширни и повратни информации од учесниците во зделката и другите засегнати страни, вклучително и од ривалските авиокомпании, аеродромите, деловни клиенти, здруженија на потрошувачи и патници, како и од индивидуални потрошувачи, се наведува во соопштението.
Според ЕК, при истрагата постоела загриженост дека влезот на „Луфтханза“ во ИТА би придонел за намалување на конкуренцијата на одреден број линии меѓу Италија и земјите од Централна, како и меѓу Италија и САД и Канада, но би зајакнала и доминантната позиција на ИТА на аеродромот „Милано-Линате“, што може да им отежне на конкурентските авиокомпании да обезбедуваат услуги за патници од и до овој аеродром.
За да се отстрани ваквата загриженост на Комисијата, таа побара од „Луфтханза“ и италијанското Министерство за економија и финансии да им „стават на располагање средства“ на една или две конкурентски авиокомпании за да им овозможат редовни летови меѓу Рим или Милано и одредени аеродроми во Централна Европа, како и да склучат договори со конкурентите за да ја подобрат нивната конкурентност на долги линии. Дополнително, треба да им се овозможат рамноправи услови за слетување и полетување на конкурентските авиокомпании од аеродромот „Милано-Линате“.
Согласно договореното, „Луфтханза“ ќе може да преземе дел од сопственоста врз ИТА дури по исполнување на овие услови. сп/
Фото: МИА Архива