• недела, 22 декември 2024

ЕК не сака да ги коментира одделните предлози за нови еврокомесари  

ЕК не сака да ги коментира одделните предлози за нови еврокомесари  

Брисел, 1 август 2024 (МИА) - Европската комисија нема да ги коментира поединечните предлози за кандидати за еврокомесари што ги доставуваат земјите членки, порача денеска портпаролката на ЕК, Верле Натс во одговор на новинарско прашање за ставот во врска со фактот дека голем број земји членки го игнорираат барањето на претседателката на Еврокомисија, Урсула фон дер Лајен да номинираат по еден маж и една жена како кандидати за европски комесари. 

Натс потсети дека Фон дер Лајен минатата недела упати официјално барање до земјите членки на ЕУ да и достават имиња на кандидати за еврокомесари, за што имаат рок да одговорат најдоцна до 30 август.  

- За нас е важно воопшто да не ги коментираме одделните најави што ги даваат земјите членки во овој контекст, се додека сите имиња заедно не бидат презентирани пред Европскиот парламент за усвојување. Дотогаш нема да коментираме никакви најави, истакна Натс. 

Таа додаде дека процесот на предлагање се уште не е завршен и треба да се причека на комплетирање на целосниот состав на Комисијата.  

Во одговор на прашањето како Фон дер Лајен планира да обезбеди полова рамноправност во бројот на мажи и жени во новата Комисија, кога повеќето од досега предложените кандидати за еврокомесари се мажи, Натс истакна дека претседателката останува посветена на оваа своја заложба и дека затоа побарала земјите членки да номинираат по двајца кандидати – маж и жена. 

На прашање дали ќе има некакви последици за земјите што нема го прифатат ваквото барање на Фон дер Лајен, Натс одговори дека нема што друго да додаде, повторувајќи го искажаниот став за рокот до кога земјите треба да ги номинираат кандидатите и дека ЕК нема да ги коментира одделните предлози. 

Меѓу досега предложените кандидати за еврокомесари од страна на земјите членки има 10 мажи и три жени. Заедно со Фон дер Лајен и кандидатката за висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, досегашниот сооднос на членови на ЕК е 2 спрема 1 во корист на мажите. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан