• понеделник, 23 декември 2024

ЕК ги тужи Бугарија и Романија за неусогласеност со правилата на ЕУ за третман на отпадни води

ЕК ги тужи Бугарија и Романија за неусогласеност со правилата на ЕУ за третман на отпадни води

Брисел, 14 ноември 2024 (МИА) - Европската комисија денеска одлучи да покрене тужби против Бугарија и Романија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради нецелосно исполнување на обврските утврдени со законодавството на ЕУ за собирање и третман на отпадните води. 

Станува збор за обврски утврдени со Директивата за третман на отпадните води во урбаните средини, која има за цел да ги штити здравјето на луѓето и животната средина. Согласно овие правила, пред да бидат пуштени во природата, отпадните води треба да бидат соодветно третирани. 

За таа цел се бара од градовите и урбаните средини да изградат инфраструктура за собирање и третман на отпадните води, за да се спречи загадување на езерата, реките, почвата и на крајбрежните и подземните води и да не се загрози здравјето на луѓето. 

ЕК процени дека Бугарија и Романија по нивниот прием во ЕУ не се усогласиле со оваа Директива и не постапиле по досегашните нејзини укажување за овој пропуст. 

Според Комисијата, 10 урбани целини во Бугарија со над 10.000 жители не ги исполнуваат барањата на Директивата во однос на системите за собирање на отпадните вода, а 20 не ги третираат на соодветен начин. Во 30 бугарски урбани средини не е обезбеден адекватен третман на отпадните вода пред нивно испуштање во „чувствителни области“. Сите овие населени места требаше да се усогласат со правилата на ЕУ во оваа сфера до 31 декември 2010 година. 

Комисијата испрати писмо до Бугарија за формално известување за неусогласеност во јули 2017 година, проследено со образложено мислење во мај 2020 година. 

Во Романија, пак, 150 населени места со над 10.000 жители не ги исполнуваат барањата на Директивата во врска со системите за собирање отпадни води, 154 не ги третираат соодветно, а 155 ги испуштаат во „чувствителни области“ без адекватен третман. Романија имаше обврска за усогласување со Директивата до 31 декември 2015 година. 

Формално известување до Романија за неусогласеност Комисијата испрати во јуни 2018 година, проследено со дополнително писмо за формално известување во октомври 2020 година и образложено мислење во февруари 2022 година.  

Меѓутоа, Европската комисијата процени дека напорите на бугарските и романските власти преземени до денеска не биле доволни и затоа ги упатува Бугарија и Романија пред Судот на правдата на Европската Унија. 

Согласно Директивата за третман на отпадните води и Европскиот зелен договор, сите населени места во ЕУ со над 2.000 жители мора да имаат инфраструктура за собирање на отпадните води. Сите овие населени места пред испуштањето на собраните отпадни води во природата мора да им извршат најмалку секундарен третман, кој се состои од третирање на органската материја во водите. Доколку отпадната вода се испушта во „чувствителна област“, тогаш таа мора претходно да биде третирана со ниво повисоко од секундарниот третман. 

Во соопштението се посочува и дека за усогласување со оваа Директива, што е примарна одговорност на националните власти, Бугарија и Романија добиле „значителни средства“ од ЕУ преку проекти за кохезивна политика. сп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан