• сабота, 21 декември 2024

Експерт на СЗО: Извештајот за потеклото на вирусот ќе биде едногласен и покрај политичките притисоци

Експерт на СЗО: Извештајот за потеклото на вирусот ќе биде едногласен и покрај политичките притисоци
Женева, 18 март 2021 (МИА) - Лидерот на тимот на Светската здравствена организација (СЗО) Питер Бен Ембарек, кој со своите кинески колеги го финализира долгоочекуваниот извештај за потеклото на коронавирусот, призна дека неговите автори можат да се соочат со „притисок“, но исто така изрази уверување дека сите членови на тимот професионално и едногласно го одобрува извештајот.
Бен Ембарек, експерт за безбедност на храна и болести кои од животно преоѓаат на човек, рече дека тимот се надева дека извештајот, кој има околу 280 страници, заедно со графикони, датуми и прилози, ќе биде објавен следната недела.
Ембарек, кој предводеше десетчлен меѓународен тим експерти, кој ја посети Кина во јануари и февруари, призна дека имало политички притисок во врска со пандемијата на коронавирусот од сите страни.
- Она што можеме да го гарантираме е дека сите во тимот ќе бидат едногласни во поддршката за извештајот откако текстот ќе биде завршен, рече тој.
Кинескиот „Глобал тајмс“ објави интервју со Лианг Ваниан, шеф на кинескиот дел од тимот, кој ги посочи политичките притисоци што покажаа „огромно непочитување на работата на нашите научници“. Лианг рече дека некои политичари и светски медиуми го исполитизираат научното истражување за потеклото на Ковид-19, без оглед на научните факти, за лична корист, „произволно и погрешно толкувајќи го научното знаење и извештаите на заедничкиот тим“. Тој посочи дека и двете страни имале целосно отворена соработка за време на едномесечното истражување и дека „резултатите од заедничката студија претставуваат консензус на кинески и странски експерти“. Тимот не откри случаи на Ковид-19 за време на истрагата во Кина пред 8 декември 2019 година, рече Лианг. паг/  

Остани поврзан