• петок, 22 ноември 2024

Експерти на ОН: Израелските акции во Газа се воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото

Експерти на ОН: Израелските акции во Газа се воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото

Женева, 8 октомври 2024 (МИА) - Експерти на ОН изразија солидарност со палестинскиот народ, по повод годишнината од нападот на Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, нагласувајќи дека акциите на израелската армија против Палестинците претставуваат воени злосторства и потенцијални злосторства против човештвото.

„Како резултат на тоа, Меѓународниот суд на правдата (МСП) предупреди дека постои реална и непосредна опасност од непоправлива штета на правото на Палестинците да бидат заштитени од геноцид“, предупредија експертите на ОН во заедничката изјава.

Експертите на ОН нагласуваат дека меѓународните судски механизми, ОН и меѓународната заедница треба темелно, непристрасно и независно да ги истражат овие наводи, да воспостават команден синџир, да ги гонат и казнат сторителите и да обезбедат целосна репарација за жртвите и нивните семејства.

„Продолжуваме да апелираме до меѓународната заедница да обезбеди прекин на трансферот на оружје од држави и компании за Израел, вклучително и преку полномошници, со цел да се избегне одговорноста за воени злосторства и злосторства против човештвото со соучесништво“, додадоа експертите.

Експертите на ОН, исто така, изразија загриженост за ширењето на насилство и непријателства во другите земји од регионот, особено за ескалацијата во Либан, која досега резултираше со смрт на повеќе од 2.000 лица, вклучително жени и деца, со повеќе од 9.500 ранети лица и раселување на стотици илјади, пренесува Вафа.

Тие ги повикаа сите страни во конфликтот веднаш да ги прекинат непријателствата, да ги почитуваат резолуциите на ОН и привремените мерки на МСП за Израел и Газа, да разменат заложници, вклучително и Палестинците во израелските затвори, да дозволат неограничен пристап на независните експерти на ОН до Израел и окупираната палестинска територија, спроведување истраги за прекршување на меѓународното право и запирање на ескалацијата во регионот.

Експертите на ОН ја истакнаа потребата од целосна соработка со меѓународната заедница со цел да се реализира правото на палестинскиот народ на самоопределување, вклучително и преку сеопфатно спроведување на советодавното мислење на МСП, кое бара Израел да ги напушти окупираните палестински територии. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан