• вторник, 05 ноември 2024

Еко-свест: Ако ги игнорираме малите хидроелектрани тие нема да исчезнат

Еко-свест: Ако ги игнорираме малите хидроелектрани тие нема да исчезнат
Скопје, 4 март 2021 (МИА) - Граѓанските организации кои делуваат на полето на заштита на природа порачуваат дека заштитните појаси кои првично беа предложени околу секоја мала хидроелектрана во идниот парк треба да се вратат во Предлог-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк и додаваат дека малите хидроелектрани нема да исчезнат доколку ги игнорираме. Нагласуваат дека по повеќе месечeн консултативен процес за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, Владата усвои Предлог-закон со кој, наведуваат, не обезбедува заштита од најголемиот еколошки проблем на планината, малите хидроелектрани. Додаваат дека при јавните консултации во голем дел беше искажано незадоволството на граѓаните и граѓанските организации за третманот на малите хидроелектрани на територијата на идното заштитено подрачје. -Сепак, првата верзија на Предлог-законот, согласно препораките од Студијата за валоризација на Шар Планина, содржеше заштитни појаси за веќе изградените мали хидроелектрани. На овој начин тие беа третирани како инфраструктура која што има негативно влијание врз заштитата на природата и за која има потреба да се ограничи нивното негативно влијание. Во верзијата која што беше усвоена од Владата, овие заштитни појаси ги нема и постои само заштитен појас за ски центарот Попова Шапка. Единствениот третман што го добиваат малите хидроелектрани е како постојна инфраструктура од јавен интерес чие што одржување, според Предлог-законот, може да се одвива непречено во сите зони на паркот, велат од НВО Еко-свест. Според нив, нејасно е како инфраструктура која има докажано негативно влијание врз природата може да постои и да функционира во сите зони на националниот парк, вклучително и зоната на строга заштита. -Доколку заштитата на природата е јавен интерес, а предмет на Предлог-законот е токму ова, тогаш сите други активности што имаат негативно влијание врз исполнувањето на целите од законот треба да бидат јасно дефинирани и ограничени. Првото решение со заштитни појаси за малите хидроелектрани нудеше многу појасно разграничување и овозможуваше подобра заштита на Шар Планина, ја пренесува Еко свест изјавата на Давор Пехчевски од оваа НВО. Според Јасна Оровчанец Аранѓеловиќ од Македонското здружение на млади правници, извештајот за консултации со јавноста кој МЖСПП го објавило на својата веб страна не е во согласност со правилата за процена на влијанието на регулативата затоа што, како што вели, не содржи целосни информации за сите добиени мислења од сите засегнати страни, преглед кои мислења се дадени од конкретна засегната страна, ниту преглед на мислењата, забелешките и сугестиите кои не биле прифатени од страна на Министерството и образложени причини за тоа. Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, како што стои во соопштението, нагласува дека доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш, како што посочува, веќе заштитата на природата го губи своето значење. -Ваквата формулација што е дадена во усвоениот Предлог-закон создава опасен преседан за сите подрачја што чекаат прогласување или репрогласување, а имаат сличен проблем со штетни инфраструктурни проекти. Доколку еднаш се дозволи постоење на вакви проекти во најстрого заштитените зони, тогаш сите подрачја што чекаат заштита ќе бидат на уште поголем удар, потенцира Чоловиќ Лешоска, соопштува Еко-свест. Предлог-законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II – национален парк, подготвен од Министерството за животна средина и просторно планирање, беше усвоен на завчерашната  седница на Владата. Ресорниот министер Насер Нуредини вчера на прес-конференција истакна дека иницијативата за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк датира од 1994 година и досега се направени многу неуспешни обиди и напори од експертите, невладиниот сектор и меѓународната заедница. – Во овој последен обид ние вложивме многу труд и време за да дојдеме до квалитетен Предлог-закон со кој би обезбедиле максимална заштита, но исто така и почитување на потребите на различните засегнати страни, а пред се потребите на локалното население, нагласи Нуредини. Одговорајќи на новинарско прашање наведе дека оние кои имаат концесии за изградба на хидроцентрали, а досега не изградиле, да се потрудат да седнат на маса со инвеститорите и, како што рече, да најдат начин да се повлечат. – Да се обидеме заедно како Влада да го заштитиме подрачјето, но нови други нема да има, рече Нуредини.вј/лв/  

Остани поврзан