• понеделник, 23 декември 2024

Екологистите бараат да се гарантираат повеќе еколошки параметри во Стратегијата за рударство 2025-2045

Екологистите бараат да се гарантираат повеќе еколошки параметри во Стратегијата за рударство 2025-2045

Скопје, 24 јануари 2023 (МИА) - Усогласување на државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, забрана на рудници во заштитени подрачја и санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, се дел од еколошки принципи и начела кои група на граѓански активисти бараат да бидат вметнати во Стратегијата за рударство 2025-2045 година.

На денешната прес-конференција пред Министерството за економија, од Иницијативата ги претставија Барањето за гарантирање еколошки параметри во Стратегијата за рударство 2025-2045, за кое информираа дека е упатено до Министерството за економија, Владата и Македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), како изготвувач на документот.

Екологистите порачуваат државата да тргне од врвниот јавен интерес за обезбедување здрав и квалитетен живот за граѓаните. 

- Рударство може да има онаму, кај што не ги загрозува населбите и биодиверзитетот. Тоа значи: НЕ во дворовите на луѓето, НЕ во нивите, НЕ покрај водите, НЕ во заштитени подрачја, сметаат еколошките активисти.

Анализирајќи ја нацрт-стратегијата, тие утврдиле дека текстот е во колизија со ред закони и стратегии усогласени со меѓународните регулативи во областа на земјоделството, туризмот и животната средина, кои се водат од зачувување на водите, почвите и воздухот, како одбрана од климатските промени. Поради ова, бараат Стратегијата за рударство да се темели на конкретни еколошки принципи и начела. 

Помеѓу начелата содржани во барањето се да не се искористува и експлоатира по секоја цена, да има континуитет во стратешките документи за индустриска политика, да се избегне „рударскоцентричен концепт“ и промоција на Македонија како „рударска земја“.

Екологистите бараат усогласување на државните стратешки документи за животна средина, климатски промени, туризам, земјоделие и рурален развој, енергетика, да нема рудници во заштитени подрачја, ниту во подрачја кои се во фаза на заштита, да нема рудници на 5 километри од населено место или од заштитено подрачје, да нема обнова на старите рудници и отворање нови места во кои се веќе еколошки оптоварени со старо историско загадување, санација и рекултивација на старите рудници, со решавање на еколошките проблеми, грижа за еколошките мрежи за заштита на биодиверзитетот, затворање на ископите на јаглен.

Тие бараат и носење нов Просторен план на Република Северна Македонија и ажурирани просторни планови по региони, носење нов Закон за просторно планирање, спроведување на препораките од Ревизијата на успешност во управувањето со минералните суровини 2016-2020 на Државниот завод за ревизија, комплементарни со барањата на екологистите од кампањата „Разбистри Сѐ “ и запирање на постапките за нови рудници додека не се реформира постапката за оцена на влијанието врз животната средина.

Барањето е поднесено од  Зелен институт, Еко Долина - Ново Село, Здрава Котлина – Струмица, Спас за нас – Гевгелија, Зелените од Гази Баба, ИКС Институт за комуникациски студии, О2 иницијатива, СТИГА Е – Ново Село, Струмица и Босилово, Грин.орг – Кочани, Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг и проф. Кирил Сотировски, РАДАР, АРНО, Фронт 21/42, Еко-живот – Кавадарци, Еко звон, ЦИКП, Го сакам Водно, АРТ ПОИНТ – ГУМНО, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Национален Рома Центар, Охрид СОС, ЕКО ЛОГИК, Гоу Грин, Геосфера – Битола, Ековита – Неготино, Здружение на мултиетничко општество за човекови права Штип, Рурална коалиција, Куќа на среќата, Институт за биологија при ПМФ - проф. Рената Ќуштеревска и проф. Валентина Стаменковиќ, Институт за демократија, АДИ, Шанса за Центар, МЦМС, МАЦЕФ, Чеинџмејкерс, ЕДЕН, Зелен хуман град, Вила Зора Велес, ДЕМ, Независни од Карпош – За заштита на Карпош, Млади за Македонија, Центар за управување со знаење, Полимат 13 – Богданци, МЕД.

Од иницијативата сметаат дека со оглед на искуството со постојните рудници, најавите за отворање нови во изразито земјоделски и туристички места, реотворање стари рудници кои се жешки еколошки точки, како и најавите за нови измени на Законот за минерални суровини, овој пат, како што велат, во интерес на концесионерите, а на штета на здравјето и животната средина, ценат дека е повеќе од неопходна широка дебата со пристап на сите стручни лица и екологисти од Македонија. ар/са/

Фото: МИА

Остани поврзан