• понеделник, 25 ноември 2024

Еквадорскиот претседател издаде указ за распуштање на парламентот

Еквадорскиот претседател издаде указ за распуштање на парламентот

Кито, 17 мај 2023 (МИА) - Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо денеска со Указ го распушти парламентот, со што го забрза процесот на спроведување парламентарни и претседателски избори, пренесуваат британските меидуми.

Тој го направи овој потег само еден ден откако ги презентираше аргументите на својата одбрана поврзани со процесот за отповикување од функцијата што го иницираше опозицијата.

Ласо е обвинет дека е политички одговорен за наводната проневера поврзана со договор за снабдување со нафта меѓу државната компанија „Флопек“ и една приватна фирма.

Шефот на државата ги отфрла спорните обвинувања, посочувајќи дека неговата администрација направила измени во договорот потпишан години пред тој да ја преземе функцијата. Според него, измените биле од корист за државата и се воведени по совет на државниот финансиски супервизор.

Повеќето пратеници ја поддржаа резолуцијата во која се вели дека Ласо дозволил договорот да остане на сила, иако тоа доведе до коруптивни практики.

За отстранување на Ласо од функцијата се потребни 92 гласа од 137-члениот законодавен дом. Вчера 88 пратеници гласаа за продолжување на процесот за импичмент на шефот на државата.

Уставот на Еквадор дава право за таканаречена „двонасочна смрт“. Под одредени околности, вклучително и ако законодавниот дом ја блокира работата на владата, шефот на државата може да распише парламентарни и претседателски избори.

Ласо сега ќе остане на функцијата уште шест месеци и ќе владее со укази, додека пратениците ќе го одредат датумот за изборите. сд/

Остани поврзан