• петок, 22 ноември 2024

Еден од најдобрите играчи на Евролигата најави крај на професионалната кариера

Еден од најдобрите играчи на Евролигата најави крај на професионалната кариера

Монако, 16 февруари 2024 (МИА) - Еден од најдобрите играчи на Евролигата и ѕвезда на Монако, Мајк Џејмс (33) ја шокираше јавноста со изјавата дека наскоро ќе стави крај на професионалната кариера.

Американецот сезонава е главен кандидат за наградата најдобар играч на натпреварувањето (МВП) и му недостигаат само 28 поени за да се израмни со Василис Спанулис на првото место на најдобри стрелци во Евролигата.

Исто така, тимот на Монако игра одлично и зад себе има сезона во која го освоија францускиот шампионат и го освоија третото место во елитното натпреварување.

Сепак, сите лични и тимски достигнувања не се доволна мотивација за Џејмс, кој како главна причина за пензионирањето ја наведе заситеноста.

- Колку и да ја сакам кошарката, понекогаш ми здосадува да бидам кошаркар. Мојот следен договор веројатно ќе ми биде последен - изјави поранешниот играч на ЦСКА.

Плејмејкерот на „кнезовите“ моментално ја игра една од најдобрите сезони во кариерата со просек од 19,4 поени, 4,3 скока и 5,3 асистенции по меч.

На фантастичниот стрелец никогаш не му недостигала самодоверба, а пред одреден период го привлече вниманието на себе кога изјави дека е најдобриот играч кој некогаш играл во Евролигата.

Тоа е само уште една причина повеќе поради која оваа ненадејна најава за крај на кариерата предизвика вистински шок во кошаркарскиот свет.дс

Фото: АС Монако Баскет

Остани поврзан