• петок, 08 ноември 2024

Египет најави планирани прекини на струја поради горештините

Египет најави планирани прекини на струја поради горештините

Каиро, 28 јули 2023 (МИА) - Египет објави низа мерки, вклучително и планирани прекини на струја, со цел да се справи со растечката потрошувачка на енергија предизвикана од силниот топлотен бран што ја зафати земјата.

Со цел да се растовари електричната мрежа, службениците кои не работат директно со населението ќе работат од дома еден ден во неделата од 6 август, во период од еден месец, рече премиерот Мустафа ал-Мадбули во телевизиско обраќање и побара приватниот сектор да преземе слични мерки.

- За да се справиме со растот на потрошувачката на енергија низ државата планираните прекини на струја ќе траат најмногу еден или два часа дневно, рече тој.

Премиерот на Египет истакна дека мерката треба да важи до крајот на актуелниот топлотен бран кој неделава го одбележаа температурите над 45 степени Целзиусови во некои делови од земјата. Владата минатата недела почна да ги спроведува овие прекини и ги повика граѓаните да не користат лифт во одредени часови од денот.

Мерката предизвика изрази на незадоволство на социјалните мрежи и многумина се жалат дека овие прекини, најчесто во најжешките часови од денот, траат повеќе од два часа и се применуваат надвор од предвидените термини. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан