• петок, 21 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Египетскиот план за Газа вклучува замена на Хамас со арапска Мисија за помош во управувањето

Египетскиот план за Газа вклучува замена на Хамас со арапска Мисија за помош во управувањето

Газа, 3 март 2025 (МИА) - Планот за Газа, изготвен од Египет како алтернатива на планот за „Блискоисточна ривиера“ на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе го замени Хамас со привремени тела контролирани од арапски, муслимански и западни држави, се наведува во нацрт-планот д кој увид имале новинари на агенцијата Ројтерс.

 Египетскиот план за Газа, што треба да биде претставен утре на самитот на Арапската лига, не прецизира дали предлогот ќе биде спроведен пред или по евентуалниот постојан мировен договор за ставање крај на војната во палестинската енклава.

 Овој план, исто така, не прецизира кој ќе ја финансира обновата на Газа, ниту пак дава конкретни детали за тоа како ќе се управува со Газа, ниту како ќе биде заменет Хамас.

 ОН проценуваат дека за реконструкција на енклавата ќе бидат потребни повеќе од 53 милијарди долари, а два извори изјавија за Ројтерс дека земјите од Персискиот залив и арапските земји ќе треба да инвестираат најмалку 20 милијарди долари во почетната фаза на реконструкција.

Според планот на Египет, Мисија за помош на управувањето ќе ја замени владата предводена од Хамас во Газа на неодреден преоден период и ќе биде одговорна за хуманитарната помош и за почеток на реконструкција на енклавата.

„Нема да има големо меѓународно финансирање за рехабилитација и реконструкција на Газа доколку Хамас остане доминантен и вооружен политички елемент на теренот кој ја контролира локалната администрација“, се наведува во планот.

Предлогот предвидува Меѓународни сили за стабилизација составени првенствено од арапски држави кои ќе ја преземат улогата на безбедност од милитантната група, со евентуално формирање на нови локални полициски сили.

И безбедносните и управните тела би биле „регулирани, водени и надгледувани“ од Управен комитет, а во нацртот се наведува дека комитетот ќе го сочинуваат клучните арапски земји, членки на Организацијата за исламска соработка, САД, Велика Британија, Европската унија и други.

Планот не ја наведува централната владејачка улога на Палестинската управа (ПА), која според анкетите има мала поддршка меѓу Палестинците во Газа и окупираниот Западен Брег.

Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави дека милитантната група не била запознаена со предлогот на Египет.

„За планот за денот подоцна во Газа може да решаваат само Палестинците. Хамас го отфрла секој обид за наметнување проекти или каква било форма на непалестинска администрација или присуство на какви било странски сили на теренот во Појасот Газа“, рече Абу Зухри.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан