Европски сојуз за промени: Нашиот предлог за член на ДИК е Абдуш Демири
- Пратеничката на Алтернатива и дел од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени, Сафије Садики Шаиини на денешната прес-конференција соопшти дека нивниот предлог за член ДИК е Абдуш Демири.
Скопје, 18 декември 2023 (МИА) - Пратеничката на Алтернатива и дел од албанската опозициска коалиција Европски сојуз за промени, Сафије Садики Шаиини на денешната прес-конференција соопшти дека нивниот предлог за член ДИК е Абдуш Демири.
Садики Шаини нагласи дека согласно Изборниот законик, тие го известиле претседателот на Собранието дека нивен кандидат за член на ДИК е Абдуш Демири. Потенцира дека таа како координаторка – доставила уште едно писмо до претседателот на Собранието, во кое, како што рече, го потсетила дека единствени опозициски партии, според дефиницијата на член 2, став 10, од Изборниот законик, се само Алтернатива и Движење Беса, како партии кои се произлезени од последните парламентарни избори.
-Денеска сум тука да ја информирам јавноста дека наш кандидат за член на ДИК е Абдуш Демири, но и да предупредам за игрите на претседателот на Собранието, како и за саботажата предизвикана од ова антидемократско мнозинство. Оттука би сакал да побарам поддршка и од нашите меѓународни сојузници, особено од Мисијата на ОБСЕ-ОДИХР, Мисијата на ЕУ во Скопје, како и од Амбасадата на САД, да преземат мерки за гарантирање на фер и демократски избори. Ако саботажата продолжи и овој член на ДИК се даде на некоја партија сателит, што неодамна е формирана од ДУИ, или преку овој избор се создава саботажа, така што местото на нашиот член да остане празно, тогаш нека и се забрани целосно на опозицијата да учествува на изборите, исто како што правеше поранешната Југославија на ЈНА на Џафери. Но, ако тврдат дека прифатиле демократија, треба да сфатат дека ДИК има Изборен законик кој утврдува како се избира нејзиниот состав со членови од владејачките и опозициските партии, рече таа.
Пратеникот Фадил Зендели одговорајќи на новинарско прашање истакна дека ова што се случува со изборот на член на ДИК оди кон сигурен пораз на ДУИ на наредните парламентарни избори. Според Зендели вели дека овие опструкции и блокади од страна на ДУИ и посебно на Џафери, се јасен показател дека ДУИ навистина ќе изгуби на изборите. Никогаш не се случило досега, вели тој, ДИК да нема комплетиран состав кога влегуваме во избори.
- Нашето опозициско дејствување на овие три политички партии ја покажа својата сила и оваа сила е јасен показател на ДУИ ќе ги изгубат наредните избори, дека албанската опозиција ќе биде бројна во албанскиот блок, рече Зендели.
Лидерите на албанските опозициски партии Изет Меџити, Африм Гаши, Биљал Касами, Арјанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд денеска најдоцна до 16:30 часот на претседателот на Собранието Талат Џафери треба писмено да му достават предлог за член на ДИК од доставената листа.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата утврди листа со пет кандидати од кои треба да се избере член на ДИК и тоа - Берат Даути, дипломиран правник од Тетово, Абдуш Демири, дипломиран економист од Тетово, Роберт Трајковски, магистер по мир и развој од Куманово, Зулфи Адиљи, дипломиран правник од Скопје и Самир Ракипи, дипломиран правник од Тетово.
По именувањето на Кренар Лога за министер за правда се испразни едно место во ДИК.фф/ев/
Фото: МИА Архива/ Европски сојуз за промени