• петок, 22 ноември 2024

Европските министри за одбрана на разговори во Париз за подобра одбрана на воздушниот простор

Европските министри за одбрана на разговори во Париз за подобра одбрана на воздушниот простор

Париз, 19 јуни 2023 (МИА) - Министрите за одбрана и претставници на 20 европски земји денеска ќе се сретнат во Париз на еднодневна конференција за тоа како подобро да се организира одбраната на европскиот воздушен простор, прашање што добива посебна актуелност поради руската војна во Украина.

Како што најавија француските домаќини, ќе се разговара за борбата против беспилотните летала и одбраната од балистички ракети, истакнувајќи дека инвазијата на Москва во Украина целосно ја покажа важноста и ефективноста на таквата опрема.

Француското Министерство за одбрана соопшти дека меѓу земјите кои учествуваат на состанокот се Германија, Велика Британија и Шведска, како и соседите на Украина - Полска, Словачка, Унгарија и Романија. Предвидено е да присуствуваат и претставници на НАТО и на Европската унија.

Со помош на западното оружје, системите за воздушна одбрана на Украина направија голем напредок од почетокот на војната минатата година, спасувајќи ја инфраструктурата и животите и спречувајќи ја Русија да постигне воздушна супериорност.

Франција ги критикуваше германските планови за зајакнување на европските капацитети за воздушна одбрана.

Таканаречениот проект „Европски небесен штит“, кој започна на крајот на минатата година, вклучува 17 европски земји, како и Велика Британија, но не и Франција. Планирано е да се интегрира во системот за воздушна и ракетна одбрана на НАТО.

Француската влада смета дека проектот не го штити адекватно европскиот суверенитет, бидејќи во голема мера ќе се заснова на американската и израелската технологија.

„Германскиот план има ограничувања“, рече францускиот функционер, додавајќи дека денешната конференција ќе предложи „поглобален пристап“.

На денешната прес-конференција во Берлин со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека „Со иницијативата 'Небесен штит“ ги обединуваме европските земји за заеднички да ја зголемиме заштитата од балистички ракети, крстаречки ракети и беспилотни летала“.

Еднодневниот состанок се одржува на маргините на саемот за воздухопловство во Париз, најголемиот настан во светот кој се фокусира на воздухопловната и вселенската индустрија. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан