• недела, 22 декември 2024

Европскиот суд одлучи дека Полска мора да ги легализира истополовите партнерства

Европскиот суд одлучи дека Полска мора да ги легализира истополовите партнерства

Стразбур, 12 декември 2023 (МИА) - Полска го прекрши правото на почитување на приватниот живот со тоа што законски не ги признава истополовите партнерства, соопшти денеска Европскиот суд за човекови права, создавајќи притисок врз новата влада на Доналд Туск брзо да го промени законот.

Десет Полјаци тврдеа дека повеќето членки на Советот на Европа им дозволуваат на истополовите двојки да стапуваат во брак или да регистрираат партнерства и дека затоа се во нееднаква положба во областа на оданочувањето, социјалните права и семејното право.

„Полската држава не ја исполни својата должност да им обезбеди на тужителите специфична правна рамка за признавање и заштита на истополовите партнерства“, се наведува во соопштението на судот.

„Тој пропуст резултираше со неможност на тужителите да ги регулираат основните аспекти од нивниот живот и го прекрши нивното право на почитување на приватниот и семејниот живот.

Случајот датира од владеењето на националистичката партија Право и Правда (ПиС), што заврши во понеделникот, откако Парламентот ја потврди новата проевропска влада на Доналд Туск.

ПиС вели дека проширувањето на бракот и дозволувањето на геј двојките да посвојуваат деца го загрозува традиционалното семејство и им штети на децата, а дека подучувањето за ЛГБТК теми во училиштата ги сексуализира децата.

Туск во кампањата најави дека неговата партија ќе воведе истополови партнерства и дека ова прашање е приоритет.

Пресудите на Европскиот суд за човекови права се обврзувачки за членовите на Советот на Европа. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан