• недела, 22 декември 2024

Европската ракета „Аријана 5“ полета на последната мисија

Европската ракета „Аријана 5“ полета на последната мисија

Париз, 6 јули 2023 (МИА) - Европската ракета „Аријана 5“ за последен пат полета од Француска Гвајана вчера, носејќи два воено-комуникациски сателити, но и оставајќи ги своите земји-основачки со вакуум во независниот пристап до вселената првпат по повеќе од четири десетлетија.

Мисијата за поставување на францускиот сателит „Сиракуз 4-Б“ и германскиот „Хајнрих Херц (Х2Сат)“ во геостационарната орбита го означува крајот на програмата „Аријана 5“ по 27 години работа. Ова беше 117-та и последна мисија за тристепената, 53 метри висока ракета што ја напушти лансирната рампа на космодромот „Куру“ во 19 часот по локално време. Оперативната употреба на нејзиниот наследник - „Аријана 6“ е одложена до 2024 година, поради технички причини.

До неодамна, Европа зависеше од „Аријанa 5“ и носивоста од над 11 тони, како и од рускиот „Сојуз“ за средна носивост и од италијанската „Вега“ за мал товар. Москва го повлече пристапот до „Сојуз“ лани поради состојбите околу Украина. А пак, надградената „Вега Ц“ останува приземјена по неуспехот на своето второ лансирање во декември, што предизвика „криза“, како што истакна раководителот на Европската вселенска агенција (ЕСА).

Гијом Фори, главен извршен директор на „Ербас“ - фирма-сосопственик на производителот „Аријанагруп“ со француски „Сафран“, пред извесно време изјави дека јазот ја истакнува „ранливоста“ на Европа во вселената.

- Сега сиот притисок е врз „Аријана 6“, а првото пробно лансирање се очекува до крајот на годината, во зависност од испитувањата што ќе се извршат летово, а првата комерцијална операција е планирана за следната година, изјави Фори на Парискиот авиофорум.

Развојот на развојот на овие ракети почна во 1973., а првата „Аријана 1“ полета во 1979 година. Првиот лет на „Аријана 5“ во 1996. заврши неуспешно бидејќи ракетата излета од патеката по 40 секунди и експлодираше. Сепак, таа ракета беше вклучена во неколку пресвртници во вселенскиот сообраќај, вклучувајќи го и поставувањето на телескопот „Џејмс Веб“ во 2021 година, во соработка со НАСА, Канадската вселенска агенција и европската мисија „Розета“.  си/сд/

Фото: МИА архива.

Остани поврзан