• петок, 22 ноември 2024

Европската перспектива на земјава и регионот, главна тема на средбите на Османи на Делфи форумот во Грција

Европската перспектива на земјава и регионот, главна тема на средбите на Османи на Делфи форумот во Грција
Атина, 9 април 2022 (МИА) - На маргините на Економскиот форум Делфи во Грција, кој редовно се одржува и оваа година со учество на над 800 учесници, шефот на дипломатијата Бујар Османи оствари бројни средби со свои колеги и истакнати личности, соопшти МНР. Европската перспектива на Северна Македонија и останатите земји од Западниот Балкан во контекст на војната во Украина и нејзиното пошироко влијание, беше главна тема на средбата на Османи со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас. - Руската агресија на најтрагичен начин покажа колку е важно проширувањето на ЕУ за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот, истакна Османи. Тој потенцира дека од потпишувањето на Преспанскиот Договор, Грција стана стратешки партнер кој силно го подржува пристапувањето на земјава во ЕУ, изразувајќи убедување дека таква поддршка нема да изостане и во наредниот период, кога очекуваме формален почеток на пристапните преговори. Војната во Украина, регионалната динамика и влијанието на кризата врз евроатлантските амбиции на земјите од Западен Балкан, беше тема на разговорите на Османи со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот помеѓу Косово и Србија Мирослав Лајчак. Османи ја повтори поддршката на Северна Македонија за дијалогот меѓу Косово и Србија, кое би имало суштинско позитивно влијание во подобрувањето на севкупните односи и соработка во регионот. Притоа тој го повтори ставот дека доволен е еден нерешен билатерален спор, со потенцијално значајни неизвесни импликации по целиот регион. Министерот се сретна и со поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, како и со други истакнати личности учесници на Форумот, се додава во соопштението на МНР. сп/

Остани поврзан