• понеделник, 23 декември 2024

Европратениците предупредуваат за правни дејствија во врска со милијардите од ЕУ за Унгарија

Европратениците предупредуваат за правни дејствија во врска со милијардите од ЕУ за Унгарија

ЕНР - Брисел

22 јануари 2024

Европратениците повикаа на понатамошни чекори за подготовка на судска постапка против Европската комисија заради деблокадата на милијарди средства од буџетот на ЕУ за Унгарија. Во декември, Комисијата додели средства за да ја придобие поддршката на Унгарија за Украина. Европскиот совет треба повторно да расправа за финансиската помош за Киев на вонреден самит во февруари.

 Европскиот парламент усвои резолуција во четвртокот, со која го повикува Европскиот совет да го преземе следниот чекор против Унгарија во согласност со Член 7.2 од договорот за ЕУ, што конечно може да доведе до одземање на правото на глас на таа земја.

 Исто така, ја задолжува Комисијата за правни прашања и правната служба на Парламентот да го испитаат доделувањето на средствата и да утврдат дали е потребна правна постапка против Европската комисија. Доколку има индиции за прекршување на правото на ЕУ, случајот ќе биде предаден на Европскиот суд на правдата.

 Европската комисија во декември обезбеди околу 10 милијарди евра замрзнати средства од буџетот на ЕУ за Унгарија и покрај тековните обвинувања за злоупотреба на власта и корупција во таа земја. Европската комисија минатиот месец ги додели парите за Будимпешта, во обид на Брисел сакаше да го придобие унгарскиот премиер Виктор Орбан за поголема поддршка за Украина. Унгарија сепак стави вето на договорот на последниот самит на лидерите на ЕУ во декември.

 Унгарија беше единствената земја што се спротивстави на консензусот што го постигнаа остаанатите 26 партнери за ревизија на Финансиска рамка за периодот 2021-2027 година. Покрај помошта за Украина, таа вклучува и зајакнување на имиграциската и соседската политика, стратешки инвестиции и поддршка при соочување со природни катастрофи.

 Неуспехот да се обезбеди поголема помош за поддршка на буџетот на Украина во следните четири години и нанесе удар на земјата, дури и откако ЕУ го презеде симболичниот чекор да се согласи да ги отвори преговорите за членство.

 Унгарија ризикува да го изгуби правото на глас

Парламентот тврди дека Комисијата згрешила што дозволила 10 милијарди евра средства од европскиот буџет да и бидат доделени на Унгарија, притоа признавајќи дека судските реформи промовирани од владата на Виктор Орбан претставуваат доволен напредок во подобрувањето на независноста на правосудтсвото во оваа земја. Во парламентарната дебата за декемврискиот самит во средата, европратениците од неколку политички групи остро ја критикуваа одлуката од декември.

 Во мај минатата година Унгарија одобри нов закон за реформи во правосудството. „Ова е тоа што го побаравме, а Унгарија го испорача“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент претходно оваа недела.

 Сепак, Парламентот е загрижен дека овие пари би можеле да стигнат до Унгарија без соодветни контролни мерки за да се обезбеди добро финансиско управување и заштита на европскиот буџет. Исто така, смета дека неодамнешната реформа во правосудството не е доволна за да се отфрлат сомнежите.

 Фон дер Лајен, сепак, ги увери европратениците во средата дека Брисел нема да ѝ додели повеќе средства на Унгарија додека Будимпешта не ги реши своите прашања во однос на правата на ЛГБТИК+ заедницата, академската слобода и правото на азил – прашања поради кои во моментов останатите 20 милијарди евра остануваат замрзнати.

 Група европратеници од целиот политички спектар верува дека доколку Комисијата ѝ додели повеќе средства на Унгарија без да бидат исполнети условите, Европскиот парламент би го задржал правото да преземе дополнителни политички и правни дејствија.

 Соочена со зголемениот притисок поради наводното прекршување на владеењето на правото во Унгарија, земјата исто така ризикува да ѝ биде одземено правото на глас. Резолуцијата усвоена во Парламентот го повика Европскиот совет да ја испита оваа можност според тековната процедура на член 7 за владеењето на правото.

 „Во моментов, ние, Европскиот парламент, не бараме одземање на правото на глас на Унгарија, но бараме од Советот да ја испита таквата постапка“, рече романскиот европратеник Зигфрид Мурешан.

 Кабинетот на словенечкиот премиер Роберт Голоб смета дека ескалацијата е лошо сценарио и за ЕУ и за Унгарија. „Не сакаме да ѝ се одземаат правата на која било земја, но во исто време ЕУ како целина не може да биде заложник на една земја-членка, Унгарија или која било друга“, напишаа од кабинетот во одговор на прашањата на Словенечката новинска агенција (СТА).

 Белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб, чија земја во моментов претседава со Советот на ЕУ, рече дека за неа владеењето на правото е „во центарот на нејзиното политичко дејствување“ и најави дека нејзината земја ќе организира ново сослушување за Унгарија во рамките на досието за владеењето на правото.

Будимпешта сепак не е изолирана?

По средбата со својот сојузник, словачкиот премиер Роберт Фицо во вторникот, Орбан рече дека Будимпешта ќе биде подготвена да го даде својот фер удел во новиот пакет помош, под услов тоа да се случи надвор од буџетот на блокот.

 „Унгарија е подготвена да ја поддржи Украина, тоа ќе го направи од сопствениот буџет, не сака да зема заеднички заеми со никого и не сака ова прашање да биде вклучено во буџетот [на ЕУ],“ рече унгарскиот премиер. „Ако сакаме да ѝ помогнеме на Украина... мора да го сториме тоа без да го оштетиме буџетот на ЕУ,“ додаде тој.

 И двајцата лидери беа критички настроени кон испраќањето помош за Украина, иако Фицо го поддржа пакетот што Орбан го блокираше во декември. Зборувајќи заедно со Орбан, Фицо рече дека предлогот на Унгарија е „рационален и значаен“.

 Според одредени медиуми, италијанската премиерка Џорџа Мелони се обидува да го убеди Орбан да го укине ветото во замена за членството на неговата политичка партија Фидес во групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

 Орбан ги одржува врските со Кремљ

Орбан е единствениот ЕУ лидер кој одржува блиски врски со Кремљ по руската инвазија на Украина. Сепак, на самитот на лидерите на ЕУ во Брисел минатиот месец, тој не се обиде да ја спречи одлуката за отворање на пристапни преговори со Украина.

 Русија ја поздрави одлуката на Унгарија за блокирање на помошта, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Унгарија „за разлика од многу европски земји, цврсто ги брани своите интереси, што нè импресионира“. Москва беше многу покритична кон одлуката на ЕУ за отворање на пристапните преговори со Украина и поранешната советска држава Молдавија, како и доделувањето кандидатски статус на Грузија.

 Во октомври, Унгарија, исто така, се закани дека ќе стави вето на пристапувањето на Бугарија во Шенген, доколку земјата не ја укине транзитната такса за рускиот гас. Во декември минатата година, Бугарија конечно ја укина оваа такса. Бугарскиот премиер Николај Денков ја истакна локацијата од каде што шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто го покрена прашањето – Пекинг, каде делегација на унгарската влада учествуваше на третиот меѓународен форум „Појас и пат“ и каде Орбан имаше средба со рускиот претседател Владимир Путин. „Некој може да се запраша дали има и други интереси“, рече Денков.

 Следи продолжение

Откако Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата во четвртокот, сега на потег е Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент, која ќе треба да го подготви случајот со правните служби на институцијата и да одлучи дали ќе поднесе тужба.

 Во меѓувреме, лидерите на ЕУ ќе се состанат на уште еден самит на 1 февруари со цел да се надмине ветото на Орбан за финансирањето на Украина. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, одлучи да ја одложи одлуката за да ја убеди Унгарија да се приклучи на договорот или да најде решение што ќе и овозможи да продолжи понатаму без таа поддршка.

 Будимпешта сигнализираше дека би можела да се согласи на помошта доколку секоја година ѝ се дава шанса да стави вето на понатамошните плаќања. Официјални претставници на ЕУ велат дека ако не можат да ја придобијат Унгарија, другите 26 земји-членки ќе бараат начин да обезбедат пари надвор од буџетот на ЕУ, но тоа веројатно ќе биде за пократок временски рок.

 Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан