• четврток, 21 ноември 2024

Европратениците отфрлија две одлуки на ЕК за нивоата на пестициди во храната увезена во ЕУ 

Европратениците отфрлија две одлуки на ЕК за нивоата на пестициди во храната увезена во ЕУ 

Брисел, 18 септември 2024 (МИА) - Европскиот парламент на денешното пленарно заседание во Стразбур со големо мнозинство гласови отфрли две одлуки на Европската комисија со кои се регулираа нивоата на дозволени пестициди во прехранбените продукти што се увезуваат во ЕУ од трети земји. 

Станува збор за одлуките за толеранција на максималните нивоа на остатоци на ципроконазол и спиродиклофен во житните култури, семињата, месото, црниот дроб и бубрезите, како и за нивоата на беномил, карбендазим и тиофанат-метил во лимоните, лиметите, мандарините и бамиите.  

Инаку, употребата на сите овие пестициди е забранета во ЕУ. 

Резолуцијата со која се отфрла првата одлука за нивоата на ципроконазол и спиродиклофен беше усвоена со 522 гласа „за“, 127 „против“ и 28 „воздржани“, а втората за нивоата на беномил, карбендазим и тиофанат-метил беше прифатена со 516 гласаа „за“, 129 „против“ и 27 „воздржани“. За усвојување на резолуциите беше потребна поддршка од најмалку 359 гласови на европратениците. 

Во резолуциите се нагласува дека за земјоделските производи увезени во ЕУ од земји кои не се членки на Унијата мора да важат истите стандарди, како и за продуктите произведени во земјите членки на блокот, со цел да се обезбеди „рамноправен терен за игра“.  

Според европратениците со дозволувањето повисоки нивоа на остатоци од пестициди во увезената храна, воедно се загрозува и здравјето на граѓаните во Европа, но и на жителите на земјите производители на овие прехранбени продукти. 

Врз основа на ваквата одлука на ЕП, Еврокомисијата сега мора да ги повлече двете одлуки. Европратениците воедно ја повикуваат ЕК да предложи нови нацрт-одлуки со кои ќе се намалат сите максимални нивоа на остатоци на пестициди до најниската граница што може да се открие или на стандардната вредност од 0,01 милиграми на килограм, како и да отфрли какви било барања за толеранции за отстапување од стандардите за увезената храна. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан