• понеделник, 23 декември 2024

Дунав се излеа од коритото и стигна до зградата на унграскиот Парламент

Дунав се излеа од коритото и стигна до зградата на унграскиот Парламент

Будимпешта, 20 септември 2024 (МИА) - Главниот град на Унгарија се подготвува за огромен воден бран што в сабота треба да го достигне својот максимум во Будимпешта - се очекува нивото на водата на Дунав да достигне 8,5 метри.

-Поради обилните дождови и поплавите, ситуацијата е критична во цела Централна Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната платформа „X“. Најголемата европска река, Дунав, веќе се излеа од коритото во Будимпешта и стигна до зградата на унгарскиот Парламент, јавуваат локалните медиуми.

Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат надојдена вода околу зградата. И покрај сериозноста на ситуацијата, Орбан смета дека имаат доволно средства за борба против поплавите.

Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачони најави дека градот ќе употреби милион вреќи со песок за да се одбрани од поплави, кои, според него, може да бидат една од најлошите во изминатата деценија, а 10.000 вработени и 15.000 волонтери се ангажирани за подготовка и одбрана од поплавите во главниот град.

-Овој период е најтешкиот дел... ќе трае околу една недела или осум дена од денеска, рече тој, додавајќи дека врвот на бранот поплави на јужната граница се очекува да помине надвор од унгарската територија следниот четврток.

Најголемите поплави што ја погодија централна Европа во најмалку две децении оставија трага на уништување од Романија до Полска, со кал и урнатини во градовите, уништени мостови, потопени автомобили и оставајќи ги властите и луѓето со сметки за штети кои ќе се мерат во милијарди долари.

Во европските земји досега животот го загубија 20 лица, а Унгарија со денови се подготвува за најлошото. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги одложи сите свои меѓународни обврски и го посети населението на градот неколку десетици километри оддалечен од Будимпешта за да ги следи подготовките за одбрана од поплави додека бурата Борис уништува се пред него. мс/

фото: Принтскрин „Х“

Остани поврзан