• понеделник, 23 декември 2024

ДУИ ја одбележа 555-годишнината од смртта на Скендербег, членовите од т.н. „огнена група“ не присуствуваа

ДУИ ја одбележа 555-годишнината од смртта на Скендербег, членовите од т.н. „огнена група“ не присуствуваа

 Скопје, 17 јануари 2023 (МИА) - Демократската унија за интеграција денеска на плоштадот „Скендербег“ организираше настан по повод одбележувањето на 555-годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриот Скендербег на кој не присуствуваа членови од т.н. огнена група.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети придружуван од претседателот на Собранието Талат Џафери и вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби положија цвеќе пред споменикот на Скендербег на истоимениот плоштад.

- Денеска сме овде за да одбележуваме еден многу важен историски настан за албанскиот народ – одбележувањето на 555 годишнината од смртта на народниот албански херој Ѓерѓ Кастриот Скендербег, една многу важна фигура која ја има предводено револуцијата на албанскиот народ. Тој е фигура која ги има охрабрено сите народни движења на Албанците и еден голем стратег, посебна личност од огромна важност за цела Европа. Ние сме горди што неговата фигура ја имаме на нашите територии, изјави Ахмети.

На новинарско прашање зошто на настанот не присуствуваат членови на партијата како Изет Меџити како најзаслужен за поставување на монументот на Скендербег на плоштадот, лидерот на ДУИ одговори дека на никого не му било забрането да присуствува на настанот.

Во врска со тоа дали некој од незадоволните членови на партијата од „огнената група“ ќе биде исклучен од партијата, Ахмети изјави дека досега никој не е исклучен од партијата.

- Никој досега не е исклучен од ДУИ. Тие се мои пријатели и соработници. Имаат многу погрешен пристап и анализите што ги прават. ДУИ е една од најдемократските и најотворените партии на овие простори. Ќе работиме уште повеќе за да бидеме што потранспарентни и што поодговорни, рече Ахмети. фф/бак/

 

Остани поврзан