• сабота, 23 ноември 2024

ДУИ: Обвинувањата против Бектеши се со цел да се дискредитира партијата

ДУИ: Обвинувањата против Бектеши се со цел да се дискредитира партијата

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Демократската унија за интеграција денеска реагираше на поднесената кривична пријава против поранешниот министер за економија Крешник Бектеши за кривично дело „попречување на правдата“. 

Од ДУИ, ваквите обвинувања ги квалификуваат како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници. 

- Демократската унија за интеграција ги осудува политички мотивираниот „лов на вештерки“ кој е насочен кон нашиот поранешен министер за економија, Крешник Бектеши, и ДУИ како политичка организација. Неоснованите обвинувања за „попречување на правдата“ против него се последните во серија неосновани обвинувања и закани кои имаат за цел дискредитација на нашата партија и нејзините претставници. Во текот на минатиот месец се соочивме со бројни закани за животите на нашите пратеници и партиски функционери, покрај дневните лажни клевети, стои во реакцијата од ДУИ.

Овие дејствија, според ДУИ, се јасен обид на Владата да го одвлече вниманието на јавноста од своите, како што велат, катастрофални неуспеси и да го заплаши албанскиот граѓанин, кој со право е огорчен од брзото влошување на неговата позиција од формирањето на оваа влада.

- Ова е отворен обид за политичка одмазда кон партијата која го институционализираше достоинството на албанскиот народ во оваа земја и да го замолкне гласот на албанскиот народ со враќање на заробената држава. Јасно е дека владата со моноетнички легитимитет се обидува да ја прикрие својата неспособност и лошото управување напаѓајќи ги политичките противници. Остануваме решителни и нема да бидеме исплашени од овие кукавички тактики, велат од ДУИ.

Оттаму ја повикуваат меѓународната заедница и медиумите да ги следат ваквите настани.

- Ја повикуваме меѓународната заедница, медиумите и граѓанското општество да ги следат одблизу овие настани и да ја држат владата одговорна за своите дејствија, велат од ДУИ. 

Во МВР билтенот од 25 јули беше наведено дека СВР Охрид има поднесено кривична пријава против 39-годишен жител на Кичево за кривично дело „попречување на правдата“. Во Билтенот се наведени иницијалите, а дел од медиумите објавија дека се работи за поранешниот министер за економија Крешник Бектеши. 

-СВР Охрид поднесе кривична пријава против К.Б.(39) од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. На 07.05.2024, пријавениот од својот мобилен телефон преку мобилна апликација испратил порака на полициски началник во СВР Охрид со која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија поврзани со кривично дело по член 149 од Кривичниот законик и член 190 став 2 од Изборниот законик, се наведува во МВР Билтенот. бак/дма/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан