• недела, 22 декември 2024

Државното училиште „Киро Бурназ“ Куманово го одбележа Меѓународниот ден на храната

Државното училиште „Киро Бурназ“ Куманово го одбележа Меѓународниот ден на храната
Куманово, 13 октомври 2022 (МИА) - Државното средно училиште, Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ денеска во Куманово организираше промоција на органска и здрава храна во пресрет на 16-ти октомври, Меѓународниот ден на храната. Граѓаните имаа можност да слушнат за производството на здрава и органска храна, користа по здравјето и животната средина. Годинава, настанот се одржа во Центарот за култура, бидејќи училиштето темелно се реконструира. – Главната порака е јадете здрава храна, органска, за да бидете поздрави и да можете да имате квалитетен живот. Овој ден на манифестацијата имаме присуство и на голем број претставници на претпријатија, кои се наши долгогодишни соработници, изведуваме практична работа, тоа се пред сè пекарниците од градот и земјоделските институции кои се занимаваат со производство и преработка на храна, изјави директорката на училиштето Весна Трајковска. Во училиштето има прехранбена насока и ова е добра можност да се презентира работата на стручниот кадар и на образованието кое го нуди училиштето за овој речиси дефицитарен кадар. - На овој начин влијаеме врз менувањето на навиките во начинот на исхрана. Во училиштето сите наставници обрнуваат внимание на промоција на здрава исхрана која не ни недостига на ова поднебје и важно е да ги едуцираме учениците и популацијата, изјави професорката по прехранбени предмети, Татјана Митевска. Од училиштето нагласуваат дека годинава е поголем интересот кај учениците за прехранбената струка. Оттаму се задоволни што расте интересот кај младите за запишување во прехранбената струка и според податоците на надлежните годинава во прва година се запишале дури 50 проценти повеќе ученици во однос на лани. Професорите сметаат дека е многу важно што расте интересот кај младите за консумација и производство на здрава храна. Поради зависноста од временските услови, храната е најмногу погодена од климатските промени. Затоа, стручните  посочуваат дека е важно максимално  да се искористи земјиштето за да се обезбеди храна и во екстремни временски услови. Светскиот ден на храната  е меѓународен ден кој се слави секоја година во светот на 16 октомври за да го одбележи датумот на основањето на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации во 1945 година. Денот  го слават многу други организации кои се занимаваат со глад и безбедност на храната, вклучувајќи ги и Светската програма за храна, Светската здравствена организација и Меѓународниот фонд за развој на земјоделството. ам/цр

Остани поврзан