• вторник, 24 декември 2024

Државата во судски постапки за неисплатени прекувремени работни саати на припадници на Армијата исплатила седум милиони евра

Државата во судски постапки за неисплатени прекувремени работни саати на припадници на Армијата исплатила седум милиони евра

Скопје, 11 март 2024 (МИА) – Во судски постапки за неисплатени прекувремени работни саати на припадници на Армијата, Министерството за финансии исплатило седум милиони евра, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот брифинг со новинарите.

Петровска во одговор за МИА вели со Законот за служба во Армијата точно се дефинирани додатоците што припадниците на Армијата мора да ги примаат, каде додатокот за прекувремени работни часови не е напоменат, наспроти Законот за работни односи каде додатокот за прекувремени часови е напоменат.

– Уште кога започнале тужбите, мислам дека во 2019 година, припадниците на Армијата ги поднесуваат тужбите до кичевскиот суд, затоа што таму е најбројна касарната и во штипскиот суд. Штипскиот суд носи одлуки со што ги отфрла тужбите, а кичевскиот почнува да носи одлуки во кои што вели дека треба да се исплатат и едниот и другиот додаток. Кога започнува кичевскиот суд да носи вакви одлуки, штипскиот се предомислува и вели дека треба да се исплаќаат, рече Петровска.

Вели од 2022 година откако е министерка за одбрана, судот започнува со единствена примена и вели дека треба да им се исплаќаат. Некои од припадниците спогодбено се согласија да ги повлечат тужбите, рече Петровска и додаде дека веднаш Министерството почнало да ги исплаќа прекувремените часови 

– Овие седум милиони евра се за тужби што веќе биле поднесени и тука се вбројани адвокатски трошоци, судски трошоци, дури во некои случаи и извршители, како и вештачења, затоа што согласно процедурата кога ќе ја поднесат тужбата се определува вештак кој доаѓа во Министерството и треба да ги извештачи сите документи за ангажирање на припадникот на Армијата, посочи министерката.

Согласно Законот за работни односи, Управата за јавни приходи (УЈП) не препознава исплата на повеќе од 190 часови, вели Петровска, но, како што рече, според направените пресметки во рамки на Министерството за одбрана, припадниците на Армијата во два месеци ги надминуваат тие часови и посочи дека доволни се 384 часови во текот на целата година. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан