• петок, 22 ноември 2024

Државава ќе аплицира за изградба на регионален истражувачки центар за туморска терапија

Државава ќе аплицира за изградба на регионален истражувачки центар за туморска терапија

Скопје, 2 март 2023 (МИА) – Северна Македонија ќе аплицира за изградба на истражувачки центар за туморска терапија и  биомедицински истражувања засновани на акцелератори на јонски зраци.  Во Скопје денеска се одржува состанок на Управниот комитет на Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST) на кој се дискутира за добивање на овој капитален проект од областа на здравствената наука кој, според проекциите, ќе чини околу 250 милиони евра.

 -Изградбата на овој истражувачки центар, кој ќе го носи името Меѓународен институт за одржливи технологии на ЈИЕ, е регионална иницијатива поддржана од нашата земја, од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Црна Гора, Србија, Словенија и Косово. Дел од овие држави ќе поднесат своја апликација, а на крајот сите заедно ќе одлучиме каде е најпогодно да се изгради оваа установа, односно која земја ќе ги исполнува сите критериуми кои ќе ги дефинираме токму денес, на состанок на Управниот комитет на кој домаќин е нашата земја, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа (SEEIIST), рече Шаќири, е познат како „мал  ЦЕРН на Балканот, и ќе биде добро доколку тој, час поскоро, се изгради во регионот“.

 -Предвидено е годишно во овој Институт, со употреба на јонски зраци, да се лекуваат илјада пациенти заболени од канцер, и тоа ќе биде особено важен придонес во борба против оваа, за жал, би рекол, широка болест на денешницата.  Без разлика дали нашата апликација ќе биде прифатена или не, сепак Институтот ќе биде наменет за регионот, вклучително и за нашите граѓани, а ние, но и сите други земји кои се дел од оваа иницијатива почната од 2017 година, ќе ја продолжиме неговата работа преку неговите дисперзирани хабови кои ќе се отворат во секоја од земјите. Оваа иницијатива ќе чини околу 250 милиони евра согласно проекциите, а ќе биде финансирана од европските фондови, како и од буџетот на сите земји кои се членки на Управниот одбор. Ќе биде голема работа, голем проект и ќе потенцирам повторно - огромна ќе биде честа доколку бидеме избрани како земја локација во која ќе се изгради, истакна министерот Шаќири за време на состанокот на кој присуствува тим од МНР на Швајцарија што ги координира активностите.

Проф. д-р Мимоза Ристова, потпретседател на Управниот комитет на SEEIIST, изјави дека Балканот и некои од поранешните републики на СССР кои се во Европа се „сива зона“ односно  немаат ниту протонска ни карбон-јонска терапија.

 -Тоа значи дека пациентите од нашиве подрачја, од нашиве држави, немаат можност да ги лекуваат тие тумори кои најдобро се лекуваат само со таа терапија. Има тумори коишто се лекуваат успешно и со едната и со другата - конвенционалната радиотерапија и терапијата со јонски зраци, но има тумори кои исклучиво добри резултати даваат само со јонски зраци, особено се работи за туморите кај децата каде што штетата е најголема на здравите ткива во периодот на раст, појасни проф. Ристова. хс/лв/

 

 

Остани поврзан