• понеделник, 23 декември 2024

Дрва на осум рати за кичевските пензионери

Дрва на осум рати за кичевските пензионери
Кичево, 9 февруари 2021 (МИА) - Здружението на пензионери од Кичево, на своите членови им овозможува набавка на огревно дрво на осум еднакви рати, што е особено олеснителна околност за  пензионерите кои примаат пензија до 10 000 денари. Според претседателот на Здружението на пензионери од Кичево Душан Ристоски, и покрај минатогодишните турболенции со ненавремената испорака на огревното дрво, сепак и годинава одлучиле да им обезбедат дрва на рати. -Цената за кубик дабово дрво изнесува 2 700 денара, додека за кубик буково дрво треба да се издвојат 2 600 денари. Како што потврдија од Подружницата на Ш.С. „Лопушник“ Кичево, дрвата на сите пензионери ќе им се испорачаат до крајот на јули. Оние пензионери кои имаат потреба од поголема количина на огревно дрво можат да купат и цел камион, поточно 13 кубици, а месечната рата наместо 2 200 денари ќе изнесува двојно повеќе или 4 400 денари, информира Ристоски. Пензионерите се задоволни што и годинава ќе можат на осум еднакви рати да се снабдат со огревно дрво. -Ова е добра одлука на нашето Здружение, бидејќи кој е во можност наеднаш да плати 17 550 денари. На овој начин, многу полесно ќе дојдеме до огревно дрво и ако се има превид дека во цената е вклучен и растовар на дрвата, тогаш повеќе од исплатливо да се снабдиме со огревно дрво преку нашето здружение, вели пензионерот Томе Велјаноски. Инаку запишувањето на огревно дрво започна во понеделникот во канцелариите на Здружението во Кичево. за/аа/

Остани поврзан