• вторник, 24 декември 2024

Драмското студио Тетово најавува многу смеење за монодрамата „Иконија, пардон матмазел Ика“ по текст на Јован Дамјановски

Драмското студио Тетово најавува многу смеење за монодрамата „Иконија, пардон матмазел Ика“ по текст на Јован Дамјановски

Тетово, 8 март 2023 (МИА) - Режисерот Игор Бачовски, актерката Наташа Петровска и писателот Јован Дамјановски преку прес-конференција ја најавија изведбата на монодрамата „Иконија, пардон матмазел Ика“ планирана изведба во сабота 11 март во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Тие најавија дел од содржината и ветија многу смеа на денот на изведбата. Оваа монодрама која Дамјановски ја напишал во далечната 1990 година, ќе биде повторна изведба на членови на Драмско студио Тетово со оглед дека прв пат е изведена во 1992 година.

-Се решивме на еден предизвик, тројцата што сме тука, да ја обновиме оваа претстава, но додадовме нови моменти на претставата, а тоа го дозволуваше и текстот на Јован Дамјановски. Намерно велам дека е претстава, не само монодрама бидејќи последната проба ни траеше скоро два часа и се надевам дека тетовската публика ќе ужива. Текстот е исповест на Иконија, поврзано со старо Тетово во 70-80 години но и поврзано со нови моменти од денешниот живот со сите модерни техники и време. Мислам дека добивме добар спој, порача режисерот Игор Бачоски.

Единствената актерка Наташа Петровска улогата на Иконија ќе ја толкува на тетовски дијалект.

-Ми ја предложи Бачо идејава после манифестацијата „И тетовските глумци поа“, на кафе муабет. Јас понесена од манифестацијата, веднаш прифатив.  Ми рече пази сама си ќе има работа, но се нафатив, еве два и пол месеци поминаа и ја изработивме. Многу смеење има, да се знае дека е за публика над 18 години. Сигурна сум дека многу смеење ќе има. Како што се наведува во оригиналниот текст, се зборува за Иконија во старо Тетово, но имаме моменти што ги налага новото време во кое се зборува за пластични операции со клипови и другите новитети во живеењето, изјави Петровска.

Авторот на текстот, тетовскиот писател и романсиер Јован Дамјановски потсети дека како и во другите негови дела и во оваа монодрама се зборува за животот и сите згоди и незгоди кои ги носи.

-Јас самиот се почестив со една длабока воздишка за радост што соработувам со големите луѓе од Театарот во Тетово, со режисерот Бачо и со Наташа Петровска. Таа е едно големо изненадување за мене. За тоа сум радосен, затоа што соработуваме на оваа монодрама, инаку по втор пат по ред. Претходно тоа беше за монодрамата „Чај со рум“, која ја подготви Игор. Се надевам дека и годинава ќе биде добра. Во основа во моите 18 романи, седум драми и две книги со раскази се обидувам да го користам литературниот феномен за допир со стварноста и животот. Има многу прототипови. Јас сум почестен што можам да го следам животот, порача Дамјановски.

На 11 март премиерата на монодрамата ќе биде изведена во големата сала во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ со почеток во 20 часот. Во 1992 година кога последен пат била изведена, монодрамата ја одиграла Гордана Георгидијадис, а во режија на Миодраг Николиќ-Панта (1942-2022). ас/мс/

фото МИА 

Остани поврзан