• понеделник, 18 ноември 2024

„Дојденците“ во Брисел задоволни од условите за живот во градот, но не и од хигиената 

„Дојденците“ во Брисел задоволни од условите за живот во градот, но не и од хигиената 

Брисел, 13 октомври 2024 (МИА) - Странците кои живеат во Регионот на Брисел генерално се многу задоволни од условите за живот, но се жалат поради недоволната хигиена, покажува анкетата на Фламанската стопанска комора на Брисел (Вока), со која биле опфатени 500 лица доселени на подрачјето на белгискиот главен град од други држави.  

Резултатите од истражувањето покажуваат дека дури 71 отсто од странците се „чувствуваат добредојдени“ во бриселската општина во која живеат. Најголем процент на задоволни странци има во општината Скарбек, каде 86 проценти од анкетираните изјавиле дека се „чувствуваат добредојдени“, а како една од причините за ваквиот став ја навеле и можноста за комуникација на англиски јазик со локалните жители. Од друга страна, најнезадоволни се странците во Ивер, каде „добредојдени“ се чувствуваат само 52 отсто од анкетираните. 

Во врска со условите за живот во Брисел, позитивна оценка дале 72 од анкетираните. Најзадоволни од животните услови се странците во приградските општини Укле (95 отсто), Волуве-Сен-Пјер (93) и Волуве-Сен-Ламбер (90), како и во централните Етербек (94 проценти), Сен Жил (86), Иксел (82) и Скарбек (82). Од животот во централната општина Сен-Жос се задоволни половина од странците или 50 отсто, а во приградската Ивер, пак, само 39 проценти. 

Како главна „слабост“ на Брисел, неговите странски жители ја посочиле хигиената. Така, само 46 проценти од анкетираните странци изразиле задоволство од нивото на хигиена во градот. Како „најчиста“ општина е оценета Скарбек (47 отсто), пред Сен-Жил (43), Иксел (38), Форест (37) и Сен-Жос (34 проценти). 

Кога станува збор за администрацијата на Брисел, неговите странски жители како „негативни карактеристики“ ги навеле временски долготрајните административни процедури, јазичните бариери, нељубезниот однос од административците и „недостигот на беспрекорна дигитална помош“. Така, дури две третини од анкетираните странци изјавиле дека морале да чекаат повеќе од еден месец за добивање на документите за престој, а 17 отсто и повеќе од три месеци. 

Според податоците на бриселските власти, во избирачкиот список за гласање на денешните локални избори во Белгија се запишани 50.443 странци, од кои 41.251 се државјанин на други земји членки на Европската Унија. Белгиското изборно законодавство право на глас на локалните избори, покрај на државјаните на Белгија, им дава и на странци со регулиран легален престој во земјата.  

Податоците за бројноста на странците покажуваат и дека „најомилени“ општини за дојденците во Брисел, односно таму каде што нивниот број е најголем, се Иксел, Скарбек и единицата на локална самоуправа Град Брисел, која го опфаќа северниот дел од регионот и квартови во централниот дел на градот. Инаку, регионот на Брисел го сочинуваат 17 општини. сп/

Фото: Икс

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан