• недела, 17 ноември 2024

Дополнителни мерки за невакцинираните во Грција, речиси секаде пристап само со негативен тест

Дополнителни мерки за невакцинираните во Грција, речиси секаде пристап само со негативен тест
Атина, 2 ноември 2021 (МИА) – За сите невакцинирани во Грција, од сабота, негативен рапид или ПЦР тест ќе биде задолжителен речиси за секаде, односно за влез во банки, продавници, јавни служби, места за забава итн. Граѓаните кои не се вакцинирани ќе треба претходно да се тестираат, согласно новите мерки кои попладнево ги соопшти министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина. Сите невакцинирани вработени во јавниот и приватниот сектор задолжително, без разлика на нивната работна позиција, како и вработените во религиозните објекти, задолжително ќе треба да се тестираат со ПЦР или рапид тест два пати седмично, место еднаш, како што беше досега. -За сите сограѓаните кои не се вакцинирани пристапот во јавните служби, банките, во сите мешани простори за забава, и во отворените простори, во трговските центри и продавници и за сите активности што не се сметаат за неопходни, како што се и фризерските салони, пристапот ќе биде со ПЦР или рапид тест, соопшти Плеврис и објасни дека тестот за невакцинираните нема да биде задолжителен за неопходните активности како што се аптеките, маркетите, но и за, како што рече „извршување на нивното религиозно право“. Дополнително најави засилени контроли за почитување на мерките во затворените простори и построги казни за прекршувањата. Истакна дека нема да има толеранција на оние кои ги прекршуваат мерките и во просторите наменети исклучиво за вакцинирани примаат и невакцинирани лица. За таа цел рече дека е неопходна проверка како на сертификатот така и на документот за лична идентификација, а казните двојно се зголемуваат и почнуваат од 5.000 евра и 15 дена затворање на локалот, но и јавно ќе се соопштуваат прекршувачите. Казни ќе има и за спортските екипи на чии натпревари публиката нема да ги почитува мерките како што е задолжителна употреба на маска. Соопштувајќи ги новите мерки, министерот за здравство на Грција истакна дека во споредба со лани, сега постои важно оружје – вакцината и не можат да воведат поинакви мерки со оглед на тоа дека речиси 73 отсто од полнолетното население е вакцинирано и 63 проценти од општата популација. Плеврис рече дека ограничувањата се однесуваат на граѓаните кои одбираат да не се вакцинираат и додаде дека со оглед на тоа дека тие се во поголема опасност од вакцинираните, мерките се за нивна заштита, а како дополнително средство за невакцинираните да се убедат и поттикнат да се имунизираат ќе се користи испраќање смс пораки. Министерот за здравство на Грција рече дека пандемијата има нагорен тренд, а Владата презема мерки за зајакнување на здравствениот систем, како што е мотивирање на приватните лекари да помогнат во битката со пандемијата. Денеска во Грција беа регистрирани рекордни 6.700 нови случаи на Ковид-19, а претседателот на Националната организација за јавно здравје Теоклис Заутис рече дека 40 отсто од денешните случаи со во северна Грција, а 25 проценти се кај деца под 18 години. Според Заутис, со 100 отсто доминантен е делта сојот. Хоспитализирани се вкупно 2.832 лица, од кои 434 пациенти се приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во болниците. Во просек, во изминатата седмица имало по 4.000 новозаразни и по 280 хоспитализирани дневно. ср/сд/

Остани поврзан