• вторник, 24 декември 2024

Донирани 31 ранец со материјали за брза помош во средните скопски училишта по повод светскиот ден на првата помош

Донирани 31 ранец со материјали за брза помош во средните скопски училишта по повод светскиот ден на првата помош
Скопје, 16 септември 2021 (МИА) – Под мотото „Биди херој во твоето училиште“, со донација на 31 ранец со санитетски материјали за средните скопски училишта како и со демонтрација на пружање прва помош на лице место, денеска во паркот Жена борец во Скопје, беше одбележан Светскиот ден на првата помош. Од Црвениот крст истакнаа дека знаењето и вештините за укажување прва помош треба да бидат дел од сечие секојдневие, бидејќи тие вештини се потребни во секој сегмент од животот. -Во таа насока подеднакво се важни едукациите по прва помош за учениците од средните училишта кои ќе можат на своите соученици во случај на итност да им дадат прва помош. Следејќи ги глобалните трендови и заложби, а тргнувајќи од фактот дека првата помош е витална иницијална интервенција која помаѓа во намалувањето на сериозни повреди и секако ги зголемува шансите за преживување, видливи се вложувањата на Црвен крст, чија цел е првата помош да биде достапна за секого и барем едно лице во семејството да има можност да научи да укажува прва помош, велат од Црвен крст.   Порачуваат дека однапред подготвен ранец со материјали за брза помош секогаш треба да биде дел од човечкото секојдневие, бидејќи никогаш не се знае кога ќе затреба. Вакви ранци беа донирани на училишта на територија во општините Чаир, Карпош, Сарај, Гази Баба, Центар, како и Кисела Вода. Волонтерот Луиза Мирковска смета дека првата помош е од исклучителна важност за секој поединец, бидејќи претставува животоспасувачка вештина која во дадени моменти може да спаси живот.   -Се случуваат такви ситуции, така се случи токму после натпревар по прва помош волонтерите кои победија да се најдот во ситуација во автобус на постар човек да му се слоши односно да има потреба од прва помош, па тие буквално непосредно по натпреварот враќајки се со ранчињата кои што ги добија како подарок да му помогнат на лице место на човекот, а помагањето беше успешно, изјави Мирковска. За професорите ваквата соработка односно акција е од витално значење за училиштата. -Нашето училиште е едно од најактивните училишта затоа што и нашата струка е доста благородна струка, и нашите ученици се редовно вклучени во овие активности. Оваа опрема е од витално значење затоа што во овие ранчиња кои сега ги добивме во овој прирачник има и новини кои што се применуваат во изведба на првата помош. Мило ми е што во сите училишта се дава оваа опрема, а нашето училиште ќе биде и понатаму вклучено во сите активности на Црвениот крст, нагласи Нина Кнагс, професор во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“. Од Црвен Крст воедно информираа дека во секое училиште ќе има обучена екипа за правилно и навремено укажување на прва помош, а едукациите ќе бидат континуирани во текот на целата година. Обуката ќе се реализира во координација со општинската организација на Црвен крст на чија територија ќе се наоѓа училиштето.свс/лв/

Остани поврзан