• понеделник, 23 декември 2024

Донаторска конференција на ЕУ: Собрани повеќе од седум милијарди евра за поддршка на Турција и Сирија по разорните земјотреси

Донаторска конференција на ЕУ: Собрани повеќе од седум милијарди евра за поддршка на Турција и Сирија по разорните земјотреси

Стокхолм, 20 март 2023 (МИА) - Над седум милијарди евра се собрани на денешната Меѓународна донаторска конференција на Европската Унија за поддршка на Турција и Сирија по силните земјотреси од минатиот месец, јавува Анадолија.

- Вкупните ветувања изнесуваат седум милијарди евра, објави шведскиот премиер Улф Кристерсон на крајот од Меѓународната донаторска конференција „Заедно за народот на Турција и Сирија“.

Кристерсон рече дека собирањето средства ја постигна својата цел.

Домаќини на настанот беа Европската комисија и Владата на Шведска, која од 1 јануари го презеде претседавањето со Советот на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги поздрави резултатите од конференцијата.

- Ви благодарам многу што им покажавте на луѓето во Сирија и Турција дека не се сами, дека се грижиме, тука сме да помогнеме, рече таа.

Европската комисија вети една милијарда евра за реконструкција во Турција и дополнителен пакет од 108 милиони евра за хуманитарна помош и закрепнување во Сирија.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала ги погодија јужните делови на Турција на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш. Бројот на загинати во разорните земјотреси што минатиот месец ја погодија јужна Турција се искачи на 50.096.  Повеќе од 13,5 милиони луѓе во Турција се засегнати од разорните земјотреси, како и многу други во северна Сирија.При истите земјотреси, во Сирија загинаа најмалку 4.500 луѓе, а повеќе од 8.700 беа повредени.​​​​​​ ссм/

 

Остани поврзан