• понеделник, 23 декември 2024

„Доживувањата на двајца селски учители“, нов роман од Паскал Гилевски

„Доживувањата на двајца селски учители“, нов роман од Паскал Гилевски
Скопје, 13 јули 2021 (МИА) - Во јубилејната програма - по повод триесетгодишнината од основањето, Матица македонска го објави романот „Доживувањата на двајца селски учители“ од Паскал Гилевски. -Најновото прозно остварување на истакнатиот македонски писател е возбудливо четиво  за младите занесеници, кои во питорескното село Кучевиште ја бараат смислата на животот. Во романот централно место зазема љубовта меѓу учителот Спасо и Ратка - најубавата девојка на селото. Тоа е чисто платонска љубов и треба да се толкува како типичен пример на селската романтика во шеесетите години на минатиот век, велат од Матица македонска. Паскал Гилевски е роден на 1 јули 1939 година во Сетома (Кефалари), Костурско, Егејска Македонија. Од 1948 до јуни 1956 година, како емигрант од Грција, со други илјадници деца-бегалци, живеел во Унгарија, каде што учел основно училиште (во Дег) и прв клас гимназија (во Секешфехервар), потоа се преселува во Скопје, каде што завршил Уметничко училиште, а дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје -Историја на уметноста со археологија. Автор е на книгите „Брегум-брегум“, „Толкување на уметноста“, „Бегство“, „Глава , „Знаме во пазувите“, „Зоја“ , „Животот на песната“, „Двајца црнци зборуваат македонски“, „Стража“, „Небесна и земна љубов“, „Бездомници“, „Ангели на прогонството“, „Ќорсокак“, „Поетика на два брега“, „Скомраз“, „Расчекор“, „Куќа полна гости“, „Меланхолија“, „Повредена интелигенција“, „Скопски зори“, „Романтизам“ (коавторство со Раде Силјан), „Остров во пеколот“, „Од мугра до мугра“, „На пат кон великаните“, „Нежниот бунтовник“ и „Посмртна венчавка на моите родители“. сст/дма/  

Остани поврзан