• понеделник, 16 декември 2024

Доделени грантови на организации и институции од Западен Балкан за проекти за превенција од пожари на ниво на предел

Доделени грантови на организации и институции од Западен Балкан за проекти за превенција од пожари на ниво на предел

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) – Во рамки на Програмата за управување со пожари на ниво на предел во Западен Балкан, денеска, беа доделени 12 грантови на организации и институции од Западен Балкан, кои во следниот период треба да спроведат проекти за превенција од пожари на ниво на предел.

Како што појасни тим лидерот на Програмата, Цветан Николовски, се работи за регионален проект финансиран од швајцарската Агенција за развој и соработка, со цел креирање поотпорни предели на пожари, со главен фокус на превенција од пожари на ниво на предел. 

– Проектот е активен веќе неколку години во регионот на Западен Балкан. Сега продолжуваме со една компонента каде што институциите и организациите кои што имаат добиено грантови ќе спроведуваат идеи каде што ќе ги вклучат младите, ќе ги вклучат локалните заедници, ќе ги вклучат исто така и новите технологии, меѓутоа и некои од традиционалните мерки за превенција од пожари на ниво на предел. Овде се работи за еден нов пристап каде фокусот е ставен на превенција од пожари. Секако ние како програма кажуваме дека и супресијата е важен дел од управувањето со пожари, меѓутоа со оглед дека имаме се повеќе пожари на ниво на предел, треба поактивно да работиме на превенција од пожари, од гледна точка да не дојде до големи штети кога се работи за пожарите, посочи Николовски.

Според податоците од Европскиот систем за следење на шумски пожари, 2012 и 2017 година се години во кои изгореле преку 250.000 хектари површина и затоа, нагласи, потребно е да се поттикне јавноста да размислува повеќе на превенција од пожари.

– Потребно е да ја поттикнеме јавноста да размислува повеќе на превенција од пожари. Точно е. Според податоците кои што досега ги имаме од Европскиот систем за следење на шумски пожари, 2012 година и 2017 година се години во кои што имаме пикови, каде што преку 250.000 хектари површина, не зборуваме тука само за шумска површина, за шума како екосистем, туку зборуваме и за останато земјиште, има и изгорено во тие пожари и секако тоа ни покажува дека треба да работиме повеќе на превенција, бидејќи на наша страна не се веќе ни климатските промени. За жал, имаме и иселување на луѓето од руралните средини и затоа треба повеќе да работиме на подигнување на свеста за подобро управување со пределот како би се намалиле тие штети од пожарите, посочи Николовски. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан