• петок, 22 ноември 2024

Договор на лидерите од Западен Балкан за економско опоравување на регионот

Договор на лидерите од Западен Балкан за економско опоравување на регионот
Вашингтон, 29 јули 2020 (МИА) - Лидерите на Западнобалканската шесторка ветија дека ќе ги олеснат и промовираат конкретните чекори кон регионален економски развој, со цел да го охрабрат економското закрепнување по кризата предизвикана од Ковид-19, објавено е на веб-страницата на организаторот на состанокот - вашингтонскиот Атлантски совет. Така, како што се наведува, ќе се поттикне долгорочната конкурентност на регионот и ќе се зајакне неговиот фокус за инвеститорите. Лидерите истакнаа дека сите граѓани во Западен Балкан наскоро треба да забележат опиплив напредок, бидејќи пандемијата драстично ја намали економската активност во регионот, додека регионалната економска интеграција, според Меѓународниот монетарен фонд и Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), би можела да зголеми  БДП за повеќе од 10 проценти. Со цел да се покажат резултатите веднаш и да се зајакнат тековните процеси, лидерите најавија дека нивниот пристап во регионалните иницијативи ќе биде изграден на неколку столбови. Првиот е примена на четирите слободи на движење во рамките на ЕУ - стоки, услуги, капитал и луѓе, што е срцето на европската интеграција. За да го сторат тоа, лидерите им наложија на нивните институции, во координација со регионалните организации, да подготват акционен план структуриран околу четири слободи, за усвојување на самитот во Софија закажан за ноември како дел од Берлинскиот процес. Како втор столб, заклучоците од денешниот самит го наведуваат брзото започнување на инвестициски проекти. За таа цел, тие се посветени на создавање на потребните услови за да го максимизираат влијанието на инвестициите кои се дел од закрепнувањето, како и да помогнат во идентификувањето на проектите со регионално влијание, да создадат услови потребни за регионални иницијативи и да останат посветени на испорака на средства брзо, транспарентно и со најголемо влијание. Ова ќе обезбеди граѓаните на регионот да видат дека економската активност се одвива брзо. Третиот и последниот столб е следење на имплементацијата - луѓето треба да знаат дека шесте од Западен Балкан го прават она што го ветуваат лидерите. Лидерите се согласија да ги применат потребните мерки на најтранспарентен, ефикасен и инклузивен начин за да го олеснат слободното движење на стоки, услуги, капитал и лица и да привлечат инвестиции. Регионалниот совет за соработка има посебна улога во обезбедувањето рамка за напредок и подготовките за самитот во ноември во Софија, се вели во заклучоците од денешниот самит. зш/

Остани поврзан