Договор за соработка меѓу ФК Пелистер и ФК Бенфика од Лисабон
- Општина Битола, сопственик на ФК Пелистер воспостави соработка со фудбалскиот клуб Бенфика од Португалија.
Битола, 30 јуни 2022 (МИА) - Општина Битола, сопственик на ФК Пелистер воспостави соработка со фудбалскиот клуб Бенфика од Португалија.
Официјалниот договор го промовираа градоначалникот Тони Коњановски и Мигел Риес, менаџер на младинската фудбалската школа на ФК Бенфика.
- Главната цел за сите нас е развојот на младите. Работам на развој на младите и тоа е главната можност која ја гледам за започнување на нови партнерства за соработка со Бенфика како и напредок и скаутирање на млади играчи. Ова исто така претставува наша цел и во Македонија. Идниот пат, ќе работиме заеднички со надеж дека ќе направиме одлична работа, со нови фази и нови деца кои ќе бидат дел од македонскиот национален тим како и тимот на фудбалскиот клуб Пелистер, истакна Мигел Риес, менаџер на фудбалската школа на Бенфика.
Градоначалникот Коњановски најави дека идната година планирано е одржување на младински камп, со тренери од школата на Бенфика, што го отсликува новиот пристап на локалната самоуправа кон развојот на спортот во градот.
- За нас, ова значи многу, посебно во делот на соработката на младинските школи. Планираме идната година, прочуената фудбалска школа на Бенфика, да дојде тука, во организација на ФК Пелистер да се направи еден камп, кој ќе вклучува деца не само од Битола, туку и од регионот и пошироко. Тоа се нови искуства, нови предизвици за нас, нов пристап кон фудбалот, тоа е добро и за нашите тренери, посебно за градот, се надевам дека тоа би значело многу, посочи градоначалникот Коњановски.мт/фф/