• вторник, 26 ноември 2024

Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот

Дневен преглед за состојбата со Ковид-19 во светот
Скопје, 26 мај 2020 (МИА) – Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразиле 5.637.367 лица. Од нив починале 349.290, а оздравеле 2.404.451. - Во Србија во последните 24 часа нема смртни случаи како резултат на коронавирусот, објавенo е на веб-страницата на Министерството за здравство covid19.rs. Бројот на жртви од почетокот на епидемијата е 239. Од последниот пресек на состојбата во Србија, 3.427 лица се тестирани за коронавирус, а вирусот е потврден кај 34 од нив. - Откако во неделата, на 24 мај, првпат од 13 март, кога се појавија првите заразени од новиот коронавирус во Косово немаше ниту еден нов случај, вчерашните тестирања потврдија шестмина новозаразени, со што бројот на досега заболени од Ковид-19 достигна до 1.038. Институтот за јавно здравство на Косово, во својот последен извештај за состојбата со пандемијата, објави дека во земјата во понеделникот е извршено тестирање на 243 примероци на лица за кои постоело сомневање дека се заболени од Ковид-19, со што вкупната бројка на извршени тестови достигна до 13.505. Вчера се регистрирани и два нови случаи на лица кои се излекувани откако претходно резултирале позитивни на новиот вирус, со што бројката на лица кои ја пребродиле болеста достигна до 791. Вкупно досега во Косово починале 30 заболени од Ковид-19, со тоа што сите страдале од други хронични болести. - Во последното деноноќие во Албанија, по неколкудневни едноцифрени бројки, регистрирани се 25 новозаразени со Ковид-19. Од нив 24 се во Тирана, од кои, пак, 15 се вработени во кол центар, каде пред два дена е регистран првиот позитивен случај. Оздравени се уште осум лица или вкупно 803, односно 78 отсто од вкупно дијагностицирани 1.029 лица. Во исто време, како последица од болеста почина 69- годишен пациент од Тирана, со што вкупната бројка на починати се зголеми на 33. Активни на болеста се 193 лица, од нив болнички се лекуваат 17 пациенти, а тројца се на интензивна терапија. - Во Грција денеска беа соопштени десет нови позитивни случаи на Ковид-19 и еден смртен случај. Вкупниот број на заразени се зголеми на 2.892 лица, а на починати на 173 лица. Хотел со бегалци и мигранти на Пелопонез од денеска е во карантин во следните 15 дена, откако беа потврдени три нови случаи на Ковид-19. - Од направени 2.214 анализи, во изминатите 24 часа на Кипар се регистрирани само два нови случаи на Ковид-19. Од почетокот на епидемијата, заразени се вкупно 939 лица. - Во Австрија продолжува да опаѓа бројот на хоспитализирани лица со Ковид-19, но и бројот на активно болни. Во болниците во Австрија моментално има 127 пациенти заразени со новиот коронавирус, 12 помалку од вчера, од кои 32 се на интензивна нега. Бројот на активно заболени падна за 28, на 651, а бројот на починати се зголеми за двајца, на 643. - Шпанската Влада денеска донесе одлука за 10-дневна жалост за починатите од Ковид-19, што е најдолгиот официјален период на жалост во последните 40 години. За време на деновите на жалост, што ќе започнат во среда, знамињата на повеќе од 14.000 институции и бродови ќе бидат на половина копје. Како што се наведува во владиното соопштение, кралот Филип ќе претседава со комеморацијата, откако земјата ќе излезе од карантинот воведен пред два и пол месеци. Во Шпанија се пријавени 28.752 смртни случаи од коронавирус и 235.772 заразени. - Велика Британија во моментов има највисока стапка на смртност од Ковид-19, која изминатата недела е повисока отколку во Франција и Италија заедно, пренесува Индипендент. Во последните 24 часа во Велика Британија уште 118 луѓе починале како последица на коронавирус, со што вкупниот број починати од почетокот на епидемијата изнесува 36.793 лица. - На второ место во однос на стапката на смртност во последните седум дена е Шведска. - Најголем број смртни случаи од Ковид-19 во светот е регистриран во САД - 99.805 лица. паг/    

Остани поврзан