• понеделник, 23 декември 2024

ДКСК: Оставката на Рашковски не влијае на работата по предметите

ДКСК: Оставката на Рашковски не влијае на работата по предметите
Скопје, 14 април 2021 (МИА) - Оставката на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски не влијае на работата по предметите поврзани со него и постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите, информираат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). - Во врска со поставеното прашање од повеќе медиуми, дали ДКСК ќе продолжи со постапување по предметите поврзани со Драги Рашковски, ДКСК информира дека оставката на поранешниот генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија не влијае на работата по споменатите предмети. Постапувањето ќе продолжи согласно надлежностите и процедурите на ДКСК, се вели во соопштението од ДКСК. Драги Рашковски во објава на Фејсбук изутринава напиша дека се повлекува од функција секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и во објавата го сподели писмото што го упатил до премиерот Зоран Заев каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата. Портпаролот на Владата Душко Арсовски, денеска на прес-конференција, информираше дека премирот ја прифатил оставката на Рашковски. Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет  за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал  Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18-ти минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот. аа/скс/

Остани поврзан