• вторник, 09 јули 2024

ДКСК најави оспорување на одлуката на Судски совет за Академијата за судии и јавни обвинители

ДКСК најави оспорување на одлуката на Судски совет за Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Државна комисија за спречување на корупцијата останува посветена на промовирање на транспарентност и отчетност и нема да отстапи од својата мисија да дејствува одлучно во заштитата на јавниот интерес, се вели во реакцијата од Антокорупциска по повод одлуката на Судскиот совет да ја отфрли нивната иницијатива за утврдување на одговорност на членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Од ДКСК нагласуваат дека ќе бидат искористени сите правни средства за нејзино оспорување.

Антикорупциска нагласува дека постапката за утврдување на одговорност е иницирана во рамките на законските рокови, како и во рамките на законски утврдените надлежности на Комисијата.

- Иницијативата за поведување на постапка за утврдување на одговорност е поднесена во рокот од 15 дена од приемот на последната одлука донесена од страна на Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во врска со конкретниот случај, а во согласност со Законот за спречување на корупцијата. И покрај тоа, сакаме да истакнеме дека рокот од 15 дена не е преклузивен рок, истиот е инструктивен рок, односно со негово пропуштање на се губи правото за преземање на определено дејствие, бидејќи нема одредба во Законот која предвидува последица од непостапувањето по тој рок, се вели во соопштението од ДКСК.

Од ДКСК, исто така, посочуваат дека за ваквата одлука се информирани единствено преку медиумите, и дека по официјалниот прием на одлуката ќе бидат искористени сите правни средства за нејзино оспорување.

-Особено сакаме да потенцираме дека најголем императив во постапувањето на Судскиот совет треба да биде санкционирање на пријавените, со оглед на тоа што од страна на пријавените лица е постапено спротивно на закон, кое нешто е утврдено со одлука на ДКСК, и потврдено од Вишиот управен суд на Република Северна Македонија, во рамките на законските рокови, информираат од ДКСК.

Комисијата останува посветена на соработката со сите надлежни институции и на примената на сите достапни правни средства за постигнување на своите цели. аа/са/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан