• вторник, 05 ноември 2024

ДКСК: Директор на ЈП, самиот си се вработил во истото ЈП со помош на градоначалникот и в.д. директорот на ЈП

ДКСК: Директор на ЈП, самиот си се вработил во истото ЈП со помош на градоначалникот и в.д. директорот на ЈП
Скопје, 1 ноември 2021 (МИА) – Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на седница разгледуваше прв случај - предмет пристигнат кај нив, на вработување кога едно лице директор во Јавно претпријатие се вработува самиот себе, во истото ЈП. Антикорупција ќе покрене иницијатива за кривична одговорност пред Јавното обвинителство за повреда на член 353 од Кривичниот законик, односно иницијатива за утврдување одговорност. Пред новиот градоначалник и на новиот Совет на општината ќе достави иницијатива за одговорност на директорот и на в.д. директорот на Јавното претпријатие. ДКСК по разгледување на документите кои им се доставени и, како што рече Катица Николовска, член на Антикорупција, која го образложи овој предмет, недвосмислено упатуваат на  планирано сценарио, но и одредбите од Законот за спречување на корупција, директно ги поврзува како злоупотреба на службена положба за остварување корист за себе или за друг. Таа појасни дека директорот за себе обезбедил корист на начин што си се вработил во јавната администрација, а в.д. директорот на ЈП и градоначалникот користејќи ја својата функција и положба, обезбедиле корист за друго лице односно за актуелниот директор. На денешната седница на Антикорупциска, Николовска информираше дека директор на Јавно претпријатие користејќи ја својата положба како директор, обезбедувал услови преку јавен објавување оглас за вработување на стручно лице во јавната администрација на ЈП, да си обезбеди за себе работно место, така што после завршувањето на неговиот мандат како директор, би можел да се врати во институцијата како вработено лице. - Симптоматично беше што директорот на ЈП дава оставка од функцијата директор, се бира в.д директор, па понатаму оди конкурс за избор на јавни службеници, па после повторно оди конкурс за избор на директор. Сето тоа би било во ред доколку, како главна улога во сета таа постапка не е едно исто лице односно директорот во ЈП, рече Николовска, член на ДКСК. По поднесната оставка, подвлече Николовска, градоначалникот на таа општина, согласно Законот за јавни претпријатија, од редот на вработените избира заменик директор и тој објавува конкурс за избор на стручно лице во јавната администрација, а условите и се други е предвидено со правилникот и со актите. Самата постапка нема слабости, потенцира таа, се е согласно законите и роковите, комисијата за селекција го избира кандидатот – директорот. Извесно време по завршување на постапката на процедурата за избор на јавен службеник, се објавува конкурс за избор повторно на директор на ЈП, бидејќи в.д. е најмногу шест месеци. И сето тоа би било добро, наведе Николовска, доколку стариот директор, сега јавен службеник, не се јави како единствен кандидат за директор и градоначалникот го бира него повторно за директор на ЈП. - Сето тоа е регистрирано во Агенција за вработување, актите се донесени, в.д. директорот повторно се вратил во редот на вработените во ЈП и што би рекле и волкот сит и овците на број, така што актуелниот директор кога ќе му престане мандатот, има можност да си се врати како редовен вработен во јавната админситрација на ЈП, појасни Николовска. Режирано и за срамота, филм за деца, рече членот на ДКСК, Нури Бајрами. - Да се поднесе иницијатива за уште еднаш ова да не се повторува на ваков начин, додаде тој. цр/дма/  

Остани поврзан