• вторник, 17 декември 2024

Дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел – усвоена Декларација за исчезнати лица

Дијалог меѓу Белград и Приштина во Брисел – усвоена Декларација за исчезнати лица

Белград, 2 мај 2023 (МИА) - Во Брисел започна нова рунда дијалог меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, а на неа присуствуваат претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, во присуство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Белград.

Делегациите на Белград и Приштина ја усвоија Декларацијата за исчезнати лица во Брисел, а во тек се разговорите за Заедницата на српски општини (ЗСО).

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека статутот на ЗСО мора да биде прифатлив за двете страни и во согласност со европските стандарди.

-Управувачкиот тим ќе го претстави нацртот. Не знаеме што има во него, но тоа треба да биде почеток на процесот. На крајот треба да имаме статут кој е прифатлив за двете страни, и за Косово и за Србија, во согласност со европските стандарди. Тоа е првиот важен чекор, изјави Лајчак за хрватската новинска агенција Хина.

Тој посочи дека ова е првпат да се види работата на Управувачкиот тим, кој го сочинуваат четири лица стационирани на Косово, кои беа формално ангажирани од косовската владата, но беа предложени од општините со мнозинско српско население.

Тој повтори дека ЕУ не сака да создаде ЗСО врз основа на модел кој досега не бил тестиран во светот, туку врз основа на некои од постоечките европски модели. об/

Остани поврзан